Интересно истражување: Политичарите живеат подолго од граѓаните кои ги застапуваат

Интересно истражување: Политичарите живеат подолго од граѓаните кои ги застапуваат

06. 07. 2022.

Политичарите живеат подолго од граѓаните кои ги застапуваат, покажало истражување на научниците од Универзитетот Оксфорд, кои ги споредувале податоците во 11 земји и го следеле животниот век на повеќе од 57.000 политичари од раниот 19-ти век до денес. Анализата покажала дека политичарите во просек живеат 4,5 години подолго од популацијата од која доаѓаат.

Разликата во животниот век на политичарите и "обичните" граѓани варира од земја до земја, а најголема е во Италија и изнесува 7,5 години. Најмала е во Швајцарија - 3 години.

Научниците велат дека различната должина на животот може да биде последица од високите примања на политичарите, што влијае на нивниот стил на живот и пристап до здравствена заштита. Тоа се гледа во разликата во примањата на британските пратеници, кои годишно заработуваат повеќе од 84.000 фунти, додека просечната плата во Велика Британија е 24.600 фунти.

Научниците забележале дека во текот на времето се зголемува разликата во животниот век на политичарите и останатото население, и тоа важи за речиси сите држави. Така, во доцниот 19-ти век и на почетокот на 20-тиот политичарите и останатото население живееле речиси исто.

Меѓутоа, во текот на 20-тиот век разликата во должината на животот се зголемила, па политичарите стекнале поголема предност во преживување во однос на општото население.

Заклучокот од истражување е дека најдолго живеат политичарите во Италија, дури седум и пол години подолго од своите сограѓани. Политичарите во САД живеат седум години подолго, во Франција шест, а во Германија четири и пол години подолго од останатите граѓани. Во Канада, Нов Зеланд и Австрија претставниците на граѓаните живеат четири години подолго, во Австралија, Холандија и Велика Британија три и пол години, а во Швајцарија "само" три години подолго, пренесува "N1".

Извор: tocka.com.mk