На 15.ти секој месец, почнувајќи од септември, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани. Целта е, не само граѓаните да имаат увид во потрошувачката, туку и да се знае дали се испочитувани владините задолженија за заштедата. Извештаите на институциите за потрошената електрична енергија ќе ги објавува Министерството за економија-Ова беше соопштено на прес конференцијата намета за промоција на мерките за штедење
Владата им наложи на директорите, климатизерите во државните институции да ладат и греат на одредена температура, осветлувањето во канцелариите да се сведе на минимум, целосно да се исклучи декоративното осветлување на објектите и спомениците. Само кратко да се проветрува, а се принтаат само неопходните документи, да се исклучуваат компјутерите по работа, да се менуваат филтри на грејни тела и други.
Директорите ќе треба секој месец да поднесуваат извештај во кој треба да пишува колку заштедиле споредено со истиот месец лани.
Ако не заштедиле струја доволно, ќе се соочат со санкции. Кои ќе бидат тие, засега не се знае.
Ќе се намалува и на осветлување долж патиштата – треба да се сведе на минимум, но без да се загрози безбедноста во сообраќајот. Препораки има и за фирмите. Задолженијата за штедење не биле вовед во рестрикции на струја – тврди Бектеши. Уверува дека има „План Б“ во случај на поголема хаварија, ако дојде до недостаток на електрична енергија, но не откри детали што ќе се прави во таков случај.
Енергетска кризна состојба и кризна состојба со топлинска енергија ќе се прогласи следната недела, а ќе важи цел месец септември. Владата ќе побара и нејзино продолжување од Собранието. Следната недела ќе се распише и тендерот за оператор со парното греење во Скопје. Директорот на државните електрани Васко Ковачевски веќе најави дека ЕСМ ќе се јави на тендерот , откако формираше три компании за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Тој уверува дека компанијата има финансиски капацитет да набави гас и непречено да ги грее Скопјани во претстојната сезона.