Денар разговараше со 53-годишниот Љупчо од Велес, кој веќе со години се занимава со одгледување лешници, а како што вели, потребни му биле околу 7 години за да разработи сериозен бизнис и да заработува за живот.
– Одгледувам лешници во едно велешко село и многу сум задоволен од овој бизнис. Лешниците се овошна култура која носи многу поволности за земјоделците, бидејќи имаат голема побарувачка, но и држат висока цена на пазарот. Јас работам со сортата „Трилобата“, која е самопрашна и родна сорта. Оваа сорта дава квалитетни и крупни плодови, кои се барани на извозните пазари. Лешникот е долгорочна инвестиција која почнува да носи приход по само 4-5 години, а својата максимална родност ја достигнува по 7 години. Во моментов поседувам 2 хектари земјиште насадено со лешници, но планирам да докупам ниви во близина на моите и да ги насадам со истата сорта – објаснува соговорникот за Денар.

Тој вели дека и „лешникарството“ си бара работа и посветеност, а како што додава, човек ќе згреши ако мисли дека потребно е само да ги насадите дрвјата и по неколку години да го соберете плодот.
– Одгледувањето лешници е интересен и профитабилен бизнис, но работата си носи и свои предизвици и искушенија. На пример, многу важни се климатските услови, бидејќи лешниците се чувствителни на мраз, на суша, ветер и на град. Затоа, потребно е да се изберат сорти коишто се прилагодени на нашата клима, а потребно е да се обезбеди и адекватно наводнување и заштита од атмосферските непогоди. Тука се и болестите и штетниците кои ги напаѓаат лешниците. Затоа, потребно е да се спроведува редовна заштита со органски или со хемиски препарати, да се постават мрежи или стапици за одбрана од глодари, а треба постојано да се следи и состојбата на листовите на дрвјата. Во однос на почвата, лешниците бараат плодна, длабока и дренирана почва, па затоа потребно е да се изврши подготовка на земјиштето пред садењето, да се прихрани со органски или со минерални ѓубрива и редовно да се корне тревата околу стеблата. Лешниците се берат кога плодовите ќе почнат да паѓаат од стеблата. Затоа, потребно е да се следи зреењето на плодовите. После бербата, лешниците треба да се складираат на студено и на суво место за да не го загубат квалитетот и свежината – објаснува Љупчо.

На прашањето што му е потребно на еден млад човек за да започне бизнис со одгледување лешници, тој нè почасти со неколку совети:
– Најпрво треба да изберете место за садење лешници, бидејќи, како што реков, лешниците бараат плодна, длабока и дренирана почва, но сакаат и сонце. Се препорачува садењето да се одвива на есен, неколку месеци пред да фати мразот. Второ, изберете добра сорта која ќе одговара на нашето поднебје. Сортата „Трилобата“ e самопрашна и родна сорта, па набавете садници со веќе развиен коренов систем. Подгответе ја почвата и ископајте дупки за садење. Дупките треба да бидат со димензии 40х40х40 сантиметри и треба да се наполнат со арско ѓубре. Засадете г лешниците на растојание од 5 метри каде што ќе се движи тракторот и 4 метри од дрво до дрво. Обезбедете систем за наводнување капка по капка, ограда за заштита од глодари и мрежа за заштита од птици. Лешниците бараат редовно наводнување, особено во периодот на формирање на плодовите. Одржувајте го насадот чист од плевел, болести и од штетници. За сето ова, доколку ја поседувате почвата и не треба да плаќате кирија, потребни ќе ви бидат неколку илјади евра. Според моите пресметки, на површина од 1 хектар потребни се 600 садници со лешници. Цената на една садница изнесува 3 евра, но државата преку ИПАРД програмата за нов насад покрива 60 отсто од сумата – објасни соговорникот.
