Започна откупот на ајварката во Струмичко. И покрај тоа што се откупуваат мали количини, кои претежно се наменети за свежа консумација и за извоз во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина… цената е висока. Граѓаните велат дека годинава ретко кој ќе може да си дозволи да прави домашен ајвар, бидејќи, освен зејтинот кој е 150 денари литар, и дрвата се поскапени и се движат од 4.000 до 4.500 денари за кубен метар. Некои од домаќинките кои, сепак, не сакаат да се откажат од оваа традиција, велат дека ќе направат помала количина, односно ако досега правеле по 20, сега ќе направат само 5-6 тегли, а некој ни толку.
– Со овие цени, не можеме да правиме како порано по 20-30 тегли ајвар, но ќе направиме 5-6 тегли, за толку имаме пари. Лани, за приготвување една тегла ајвар, беа потребни 170 денари, а сега ќе ни треба дупло. Килограм ајварски пиперки чинеше 50, а зејтинот 70 денари. Сега зејтинот е 150 денари литар, а и дрвата се поскапени – вели една домаќинка.
И останатите граѓани се согласуваат дека со оглед на поскапувањата, ако порано имале пари за 20 тегли ајвар, сега имаат само за 5-6, толку им дозволува стандардот. Некои, пак велат дека ајварот годинава е луксуз и не можат да си го доволат.