Компаниите ќе плаќаат казни за прекини во снабдувањето со струја
Регулаторната комисија за енергетика вели дека со предвидените законски измени секој потрошувач што смета дека претрпел било каква штета поради намалена или прекината испорака на електрична енергија, може да започне постапка за обесштетување пред операторот на електродистрибутивниот или преносниот систем.
Обесштетување е предвидено и во случаи кога нема да се испорачува струја подолго од претходно најавеното преку масовните медиуми. Во сите овие постапки потрошувачот задолжително ја наведува проценката на штета.
Доколку прекинот бил до 12 часа, потрошувачот ќе има намалување на цената за користење на мрежата за 10 проценти, а за секои наредни 20 часа ќе се зголемува за дополнители 10 проценти.
Специјална комисија ќе биде задолжена за обесштеувањето доколку операторите не се согласни со барањето за надомест на штета поднесено од страна на потрошувачите или производителите. Комисијата ќе биде составена од еден претставник од операторот, еден од потрошувачот и еден вештак од Комората на вештаци.
Истата постапка ќе важи и за компаниите, каде истите ќе можат да бараат надомест за претрпени штети кај производството, или доколку како последица на слабата односно неиспорачана струја, нивните производи не се веќе во употреблива состојба.
Законските измени стартуваат од почетокот на идната година.