Генерација Z почна да ги носи родителите на интервју за работа
Актуелно

Генерација Z почна да ги носи родителите на интервју за работа

3/3/2026

Иако генерацијата Z веќе некое време се опишува како малку неконвенционална на работното место, меѓу помладите кандидати се појави нов тренд: тие ги носат родителите на интервјуата за работа. Откако веќе се отворија дебати за вклучувањето на родителите во службената комуникација наместо нивните деца, сега сличен образец се појавува и при вработувањето.

Според истражувањето на компанијата „Зети“ (Zety) на примерок од околу 1.000 припадници на генерацијата Z, дури 20% од испитаниците изјавиле дека родител им се придружил на интервјуто за работа – 15% во живо, а 5% виртуелно, пишува Newsweek. Меѓутоа, родителскиот ангажман не запира само на интервјуто. Истражувањето покажало дека 44% од младите имале родителска помош при пишувањето или уредувањето на биографијата, а секое петто лице рекло дека родителот контактирал со потенцијалниот работодавач во нивно име.

Дури и по вработувањето, 28% од испитаниците навеле дека родителите им помогнале да преговараат за платата или бенефициите, додека 32% рекле дека родителите најмногу влијаеле врз донесувањето одлуки за кариерата.

Дру Пауерс, основач на финансиската групација Powers Financial Group, смета дека некои од овие наоди не се необични. „Секако дека родителот може да помогне во пишувањето на биографијата, да дава совети за преговарање за платата и бенефициите или да влијае врз изборот на кариерата. Тоа е нормална и очекувана улога на родителот“, изјави тој за Newsweek.

Меѓутоа, тој додава дека директното контактирање со работодавачите, преговарањето за плата во име на детето или присуството на интервју било лично или онлајн е „преку границата“. Алек Бин, предавач по финансиска писменост на Универзитетот во Тенеси, Мартин, споделува слично мислење.

„Некои припадници на генерацијата Z сметаат дека вклученоста на родителите е важна, а јас секако би препорачал да ги послушате советите на родителите и менторите кои имаат искуство во вработувањето. Сепак, постојат граници на таквиот ангажман, а нивното преминување речиси секогаш завршува лошо за кандидатот“, истакна Бин.

Тој додава дека работодавачите често ги доживуваат кандидатите кои доаѓаат со родителите како премногу зависни, што може да предизвика сомнеж во нивната способност за самостојна работа.

Како една од причините за овој тренд се наведува недовербата меѓу работниците и корпорациите. „Иако тоа не е широко распространета појава, некои кандидати од генерацијата З се потпираат на поддршката од своите родители за време на интервјуто, во презентацијата, тонот, па дури и во одговорите“, рече Кевин Томпсон, извршен директор на 9i Capital Group.

„Многу од тоа доаѓа од неискуството во професионалното опкружување и нелагодноста со договорните формулации и очекувањата.“ Експертите предупредуваат дека таквиот пристап може да има долгорочни последици. Консултантот за човечки ресурси Брајан Дрискол вели дека постои ризик младите луѓе никогаш да не развијат вештини за самозастапување на работното место, што е клучно кога бараат покачување или кога му се спротивставуваат на лошиот менаџмент.

„Сакате ли да имате предност на пазарот на труд? Научете ги вашите права, знајте ја вашата вредност и изградете колективна сила со вашите колеги. Ова ќе направи многу повеќе за вашата кариера отколку тоа мајка ви да седи на вашето интервју“, изјави тој.