Од вчера, 16 јануари 2026 година, стапи на сила одлуката на Владата за доделување вкупно 10.000 работни дозволи за странски државјани. Од нив, 9.750 се за редовно вработување, 200 за упатени странци, а 50 за сезонски работници.
Во рамки на квотата, 4.500 дозволи се наменети за нови вработувања, додека 5.250 се за продолжување на веќе издадени дозволи. Процесот ќе биде под надзор на Министерството за економија и труд, кое ќе го следи искористувањето на квотата и состојбите на пазарот на труд.
Од Владата посочуваат дека мерката е одговор на долготрајниот недостиг од работна сила, кој ги погодува и малите и големите компании. Дел од фирмите веќе го намалија обемот на работа, а некои беа принудени и да затворат поради недостиг од кадар.
Паралелно, во Македонија има над 100 илјади неактивни невработени граѓани, поради што од почетокот на годинава е овозможено ангажирање студенти, пензионери и приматели на социјална помош без губење на правата, со цел зголемување на вработеноста и намалување на сивата економија.
