Сместувањето поскапо од кога било: Колку чини одмор во Црна Гора ова лето?
Актуелно

Сместувањето поскапо од кога било: Колку чини одмор во Црна Гора ова лето?

4/21/2026

Со приближувањето на летната сезона 2026, расте интересот за одмор во Црна Гора, но заедно со него и цените на сместувањето. Анализите на понудите на платформи како „Букинг“ покажуваат дека туристите ова лето ќе треба да издвојат значително повеќе средства, особено во јули и август.

Апартманите и понатаму се најбарани, со широк ценовен опсег. Во предсезона (мај и јуни), најевтините опции може да се најдат за 20 до 30 евра од ноќ, најчесто подалеку од плажа или во помалку атрактивни локации. Но, во шпицот на сезоната, цените во туристичките центри како Будва, Котор и Херцег Нови достигнуваат од 60 до 120 евра за ноќ за просечен апартман.

Во Бар и Улцињ цените се нешто пониски, од 50 до 90 евра, додека луксузните апартмани со поглед на море, базени и дополнителни содржини можат да достигнат неколку стотици евра по ноќ. Најексклузивните вили одат и над 1.000 евра дневно.

Просечно, семејство за солиден апартман во сезона ќе треба да одвои меѓу 70 и 150 евра дневно.

Хотелското сместување е уште поскапо. Во предсезона ноќевање со појадок може да се најде од околу 50 евра по лице, но во јули и август цените растат на 65 до 130 евра дневно. Тоа значи дека седумдневен одмор во хотел може да чини од 450 до 900 евра по лице, додека луксузните хотели ја надминуваат и границата од 1.000 евра.

Разликите меѓу предсезона и главната сезона се значајни – одмор кој во мај или јуни чини 150 до 300 евра за десет дена, во јули и август може да достигне 300 до 600 евра или повеќе.

Најскапи остануваат Будва, Котор и елитните зони како Порто Монтенегро, додека Бар, Херцег Нови и Улцињ се попристапни. Разликите во цените може да достигнат и до 50 проценти за сличен тип сместување.

Експертите растот на цените го поврзуваат со повисоките трошоци за енергија и храна, растот на платите во туризмот, но и зголемената побарувачка.

Иако одморот во Црна Гора ова лето нема да биде најевтина опција, туристите и понатаму имаат избор за различни буџети – со препорака резервациите да се направат навреме или да се изберат термини надвор од шпицот на сезоната.

Извор: faktor.mk