Македонија веќе го добила и разгледала предлог-договорот од Европската Унија, а доставени се и забелешки и предлози за потребните законски измени.
Според информациите што ги соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, преговорите со европските институции продолжуваат, со очекување договорните и законските процедури да завршат до крајот на годинава.
Кога би можел да се укине роамингот?
Според информациите на Сител, Европската комисија очекува процесот да биде завршен до јуни 2027 година, по што би можела да започне примената на системот „Роаминг како дома“ меѓу Македонија и земјите од ЕУ.
Сепак, јуни засега не е официјално потврден датум за укинување на дополнителните роаминг-трошоци.
По постигнувањето договор, на мобилните оператори може да им биде оставен дополнителен период за техничко и организациско приспособување.
Што ќе значи ова за граѓаните?
Со приклучувањето кон европскиот систем, македонските корисници би можеле да разговараат, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет при патување во земјите од ЕУ според домашните тарифни услови и правилата за фер користење.
Сличен систем веќе функционира меѓу земјите од Западен Балкан, каде што граѓаните можат да користат мобилни услуги без дополнителни роаминг-надоместоци, во рамките на важечките услови.
Проширувањето на овој модел кон Европската Унија би значело олеснување за граѓаните кои често патуваат во европските земји, но за неговата примена останува да се завршат потребните процедури.
