Оваа земја не е само синоним за недопрени плажи и живописни градови — таа ги повикува патниците да забават, да нурнат во богатата култура и да заминат од неа обновени, одморени и исцелени.
На саемот World Travel Market во Лондон, Чиравади Кунсаб, заменичка на гувернерот за меѓународен маркетинг во Туристичката организација на Тајланд, зборуваше за тоа што ѝ дава толкава привлечност на нејзината земја.
„Земјата на насмевките“
„Кога луѓето планираат одмор, најпрво бараат место каде што можат убаво да се забавуваат и да бидат среќни. Тајланд е токму таква дестинација“, вели Кунсаб.
„Имаме исклучително разновидна туристичка понуда — од северот, богат со национални паркови и УНЕСКО-локалитети, до југот, познат по светски прочуените плажи.“
Сепак, она што навистина го издвојува Тајланд, додава таа, не се само пејзажите, туку и луѓето. Посетителите често ја истакнуваат автентичноста на искуството и топлината на Тајланѓаните, кои секоја интеракција ја прават посебна, пренесува Euronews Travel.

„Познати сме по гостопримството и врвната услуга“, кажува низ насмевка. „Затоа многу туристи се враќаат — во некои провинции дури 60% од посетителите доаѓаат повторно.“
Покрај тоа што е познат како „Земјата на насмевките“, Тајланд денес ги охрабрува патниците да откријат места надвор од познатите туристички точки.
„Тајланд има повеќе од 55 провинции за истражување“, истакнува Кунсаб. „Но на европските и американските туристи особено им ги препорачуваме 13-те клучни. На пример, Нан на север е како Чианг Маи пред триесет години — прекрасен, автентичен и длабоко поврзан со сопствената традиција.“

Благосостојбата како главен адут
Благосостојбата и здравјето се меѓу најголемите предности на Тајланд.
„Посетителите можат да искусат тренинзи во Муеј Тај и да го зацврстат телото и духот. Нашата wellness-понуда е меѓу петте најдобри во светот, благодарение на богатото наследство, традиционалната билна медицина и прочуената тајландска масажа.“
Но, како што објаснува Кунсаб, суштината на исцелувањето во Тајланд оди далеку подалеку од спа третманите и луксузните хотели. Таа се наоѓа во топлината на луѓето, во длабоката култура и во способноста на оваа земја да ве забави — и да ве потсети повторно да дишете со полни гради.
