Минималната плата ќе порасне на 26.000 денари – но дали е доволно за основните трошоци?
Актуелно

Минималната плата ќе порасне на 26.000 денари – но дали е доволно за основните трошоци?

11/14/2025

Минималната плата во Македонија треба да се зголеми за околу 2.000 денари во март 2026 година, како дел од планот за подобрување на животниот стандард и усогласување со растечките трошоци за живот.

Целта на зголемувањето е работниците со најниски приходи да почувствуваат реално олеснување во семејниот буџет, особено во услови на инфлација и поскапувања.

Истовремено, синдикатите повторно го актуелизираа своето барање минималната плата да достигне 500 евра. Според нив, дури и со најавеното зголемување, сумата останува недоволна за покривање на основните месечни трошоци и за одржување на пристоен животен стандард.

Во моментов минималната плата изнесува 24.379 денари, а синдикалните организации бараат подинамична формула за усогласување која ќе ги следи реалните трошоци за живот и инфлацијата.

Дополнително, од 1 јануари 2026 година ќе започнат да важат нови правила за финансиска поддршка на инвестициите. Новата рамка треба да го поттикне економскиот развој, создавањето работни места и растот на продуктивноста, со фокус на компании што инвестираат во индустрии со поголема додадена вредност.

Очекувањата се дека овие мерки заедно ќе придонесат за стабилен пазар на труд, повисоки плати и подобри услови за работниците.

Извор: biznisinfo.mk