Студентскиот оброк може да се зголеми на 4.500 денари месечно: Се најавуваат и дополнителни попусти
Актуелно

Студентскиот оброк може да се зголеми на 4.500 денари месечно: Се најавуваат и дополнителни попусти

10/30/2026

Студентите во Македонија би можеле да добиваат по 4.500 денари месечно за субвенциониран студентски оброк, наместо досегашните околу 3.500 денари. Станува збор за нов предлог на Владата, кој предвидува и дополнителни попусти при купување храна.

Според предложеното решение, студентскиот оброк би се користел преку нова дигитална услуга наречена „М-студентски оброк“, која би била достапна во апликацијата „М-услуги“.

Преку неа студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци во вклучените ресторани, маркети и млечни ресторани, со исклучок на алкохол и цигари.

Дополнителни попусти и по искористувањето на субвенцијата

Предлогот предвидува и можност за дополнителни попусти кај трговците, кои би важеле дури и откако студентите ќе ги потрошат средствата од месечната субвенција.

За оваа можност допрва треба да се разговара со трговските компании.

Кога би започнала примената?

Предлогот веќе им е претставен на студентските парламенти на универзитетите, чии претставници треба да се консултираат со студентите и да го достават својот став.

Како што информираше премиерот, за реализација на новиот модел ќе биде потребна подготовка на софтверско решение и спроведување тендерска постапка.

Засега зголемувањето на студентскиот оброк на 4.500 денари е само предлог, а конечна одлука и датум за почеток на примената сè уште не се објавени.