Врие од интернет измами – пазете се пред да кликнете!
Актуелно

Врие од интернет измами – пазете се пред да кликнете!

8/12/2025

Уплати само 5 доларии добиј производ со голема вредност, пристигната пратка, наградни игри од познати брендови. Ова се само дел од повикувачките пораки при интернет измамите. Отворете четири очи! За секунда можат да ви извлечат пари од картички!

Интернет измамите земаат сè поголем замав во Македонија, а измамниците секојдневно стануваат сè покреативни и поопасни. Последните податоци на надлежните институции предупредуваат – ризикот е реален, а мета може да биде секој граѓанин кој купува, продава или комуницира онлајн.

Најчести форми на измама во моментов се:

  • Фишинг пораки што личат на оние од банки, пошта или државни институции
  • Лажни СМС пораки за „пристигнати пратки“
  • Фалсификувани фактури испратени од лажни е-маил адреси
  • Реклами со злоупотреба на познати личности
  • Лажни телефонски повици со ветување за заработка преку криптовалути

Според податоците на МВР, само годинава во Секторот за компјутерски криминал стигнале 43 пријави за измами преку интернет и 22 пријави за манипулации преку телефон. Во некои случаи, жртвите биле убедувани да инсталираат софтвер со кој наводно ќе заработуваат, а наместо тоа – останале со испразнети банкарски сметки.

„Пораките изгледаат доверливо, но целта е да се измамат корисниците и да се добијат нивните лични или финансиски податоци“, предупредуваат од МВР.

Експертите алармираат – купувајте онлајн само од проверени продавачи и никогаш не споделувајте броеви на картички или лозинки преку е-маил, СМС или социјални мрежи. Ако забележите злоупотреба на личните податоци или банкарската картичка – веднаш пријавете во МВР и во Агенцијата за заштита на личните податоци.

Во земјава сè уште нема ефикасен механизам за целосно спречување на вакви напади, па надлежните испраќаат јасен апел: „Отворете четири очи, за да не останете и без пари, и без производ“.