Плажата Елафониси, бисерот на југозападниот брег на Крит, е вистинска атракција за патниците од Балканот. Розевкаст песок, тиркизно море и недопрен пејзаж ја прават оваа локација незаборавна. Но, она што многумина не го очекуваа е дека на оваа природна убавина ќе мора да платат – за користење на тоалет.
Станува збор за надомест од 1 евро по лице за користење на јавниот тоалет на самата плажа. За четиричлено семејство, тоа значи минимум 4 евра дневно – само за основна потреба, и тоа под услов сите да го користат тоалетот само еднаш.
„Навикнати сме да плаќаме лежалки, чадори или паркинг, но да платиш за тоалет на плажа – тоа досега не ни се случило во Грција“, коментираат изненадени туристи.
Цените за останатата инфраструктура не заостануваат. Комплет од две лежалки и еден чадор на Елафониси чини 20 евра, а за дополнителна лежалка се доплатуваат уште 5 евра. До плажата, која е оддалечена од урбаните центри, може да се стигне со автомобил или организиран превоз – што, секако, носи дополнителни трошоци.
Иако Крит и натаму е привлечна и пристапна дестинација за туристите од регионот, ваквите детали се сè почеста тема на форуми и социјални мрежи, каде што посетителите споделуваат искуства и советуваат внимателно планирање на трошоците – дури и за нешта што порано се подразбираа како бесплатни.
Извор: bulevar.mk
