Нов тренд: Преправај се дека си на работа!
Актуелно

Нов тренд: Преправај се дека си на работа!

8/12/2025

Концептот е едноставен: не си вработен? Нема проблем – дојди, плати и седи како да си на работа.

Во големите кинески метрополи како Шангај, Шенжен, Нанџинг, Вухан и Ченгду никнуваат фирми со звучни имиња како „Компанија за преправање дека работиш“ и „Компанија за глума“. Концептот е едноставен: не си вработен? Нема проблем – дојди, плати и седи како да си на работа.

Цената? Од 30 до 50 јуани на ден (околу 3,6 евра и нагоре) – а понекогаш има и бонус: ручек и ужинка.

Овие „лажни“ канцеларии изгледаат како вистински – со компјутери, сали за состаноци и агли за чај. Луѓето можат да ги користат компјутерите за да бараат вистинска работа или да започнат сопствен бизнис.

Еден маж, по име Шуи Жоу, секој ден оди во таква канцеларија и плаќа околу 4 долари за да биде таму. Вели дека го прави среќен тоа што е со други луѓе кои прават исто.

Овој феномен се појавува затоа што младите во Кина тешко наоѓаат работа. Некои сметаат дека преправањето дека работат им помага да се чувствуваат подобро поради тоа што немаат вистинска работа.

Младите кои ги користат овие „канцеларии за изнајмување“ имаат различни мотиви. Некои навистина пробуваат да најдат работа или започнуваат сопствени мини-проекти. Други – едноставно се дружат, се смеат и одат заедно на вечера.

Сопственикот на еден ваков бизнис со име “Преправај се дека работиш“ во Донггуан, 30-годишниот Феију, вели дека на клиентите им продава нешто многу повеќе од столче и биро – им продава „достоинство да не се чувствуваат бескорисно“. Четириесет проценти од неговите „работници“ се новодипломирани студенти на кои им треба лажна пракса за факултет, а останатите се хонорарни преведувачи, дигитални номади и онлајн писатели.

Просечната возраст е околу 30 години, а бизнисот – според Феију – можеби нема да го направи богат, но го гледа како социјален експеримент.
„Ако од лажно работно место некому му помогнеме да создаде вистинска кариера – тогаш успеавме,“ вели тој.