Храна, вода и лекови за 72 часа: Нови препораки за домаќинствата
Актуелно

Храна, вода и лекови за 72 часа: Нови препораки за домаќинствата

10/30/2026

Владите ширум светот сè почесто ги повикуваат граѓаните да се подготват за можни кризни ситуации и во своите домови да обезбедат резерви од храна, вода и лекови за најмалку 72 часа.

Како што анализира Euronews, препораките се поврзани со зголемените безбедносни ризици, природните непогоди и можните сајбер напади, кои би можеле да го нарушат секојдневното функционирање на државите.

Првите три дена се сметаат за особено критични, бидејќи во случај на големи прекини на електричната енергија или други вонредни ситуации, службите за итна помош можеби нема да можат веднаш да стигнат до сите граѓани.

Различни земји, различни препораки

Канада, Јапонија, Мексико и Холандија препорачуваат резерви за најмалку три дена. Во Шведска и Норвешка граѓаните се советуваат да обезбедат храна за една недела, додека Германија препорачува залихи за период до десет дена.

И Европската Унија во својата стратегија за подготвеност од 2025 година ја нагласува потребата домаќинствата да можат самостојно да ги покријат основните потреби во првите 72 часа од кризата.

Особено сериозно на ова прашање се посветуваат земјите од северна и источна Европа, кои ги зајакнуваат системите за цивилна заштита, обновуваат засолништа и подготвуваат планови за евакуација.

Што треба да има во домашните резерви?

Меѓу основните производи што се препорачуваат се трајна храна, флаширана вода, неопходни лекови, батерии, батериска ламба и радио што работи на батерии или рачно навивање.

Целта не е создавање големи залихи и купување во паника, туку разумна подготовка за евентуални ситуации во кои снабдувањето со основни производи и пристапот до услуги би можеле да бидат ограничени.