Пораки наместо повици: Зошто генерацијата Z ги избегнува телефонските повици?
Актуелно

Пораки наместо повици: Зошто генерацијата Z ги избегнува телефонските повици?

9/16/2026

Телефонските повици за многу млади стануваат непријатна форма на комуникација, а тоа сè почесто се одразува и на нивниот професионален живот.

Истражување на RiseGuide, спроведено на 2.000 припадници на генерацијата Z и миленијалци, покажало дека 42% не одговараат на телефонски повици, додека 58% однапред ги подготвуваат разговорите пред да се јават.

Избегнувањето на повици, сепак, може да има последици. 78% од испитаниците кои избегнуваат телефонски разговори велат дека поради тоа пропуштиле финансиски или професионални можности.

Причината делумно се поврзува со навиката на младите да комуницираат преку пораки и мејлови, каде што имаат време да го формулираат одговорот. За разлика од тоа, телефонскиот разговор бара моментална реакција, што може да создаде дополнителен притисок.

Токму затоа, непланираниот повик за некои млади е постресен дури и од ситуации како интервју за работа.

Експертите предупредуваат дека избегнувањето на непријатните разговори може да значи и пропуштени можности, особено во работната средина каде директната комуникација сè уште има важна улога.