Живеат над своите можности: Речиси секој четврти млад човек го прави ова
Актуелно

Живеат над своите можности: Речиси секој четврти млад човек го прави ова

10. 11. 2026.

Младите Холанѓани сè почесто ги кријат финансиските проблеми од своите родители, а дел од нив се преправаат дека живеат подобро отколку што навистина можат да си дозволат. Ова го покажува истражување на холандската непрофитна организација „Humanitas“.

Според резултатите, 23 отсто од младите на возраст од 18 до 30 години признаваат дека се претставуваат како да се во подобра финансиска состојба отколку што навистина се. Дополнително, 28 отсто претпочитаат финансиските грижи да ги задржат за себе, наместо да разговараат со родителите или старателите.

Социјалните мрежи и купувањето на рати создаваат дополнителен притисок

Еден од факторите што влијаат врз однесувањето на младите е постојаната изложеност на реклами, инфлуенсери и трендови што поттикнуваат потрошувачка.

Истражувањето покажува дека 18 отсто од испитаниците сметаат дека можноста за одложено плаќање ги поттикнува да купуваат работи што инаку не би ги купиле.

Од организацијата „Humanitas“ предупредуваат дека финансиските проблеми не треба да бидат причина за срам и дека младите треба навреме да побараат помош, пред долговите да станат поголем проблем.

Организацијата организира и индивидуални разговори во училиштата низ Холандија, каде што волонтери им помагаат на младите подобро да управуваат со парите и да ги препознаат финансиските ризици.