Во истражувањето биле анализирани 66 европски градови, при што се земале предвид фактори како пешачката пристапност, зелените површини, загадувањето на воздухот, дневната и ноќната бучава, криминалот и безбедноста. На секој град му била доделена оценка до 100 поени.
Ранг-листата ја изработила британската компанија Vape and Go, а резултатите ги пренел и американскиот магазин Travel + Leisure.
На првото место се најде Талин со 92,8 поени, особено поради ниската изложеност на ноќна сообраќајна бучава. Втор е Цирих со 88,1 поени, додека третото место му припадна на Тарту. Во топ 10 следуваат и Трондхајм, Вилнус и Хаг.
На седмото место е Риека, која зад себе ги оставила Женева, Тампере и Љубљана.
Според анализата, на добриот резултат на Риека придонесуваат комбинацијата од море, компактен градски центар, Корзо, зелени површини и можноста релативно брзо да се оддалечите од градската врева. Така, и покрај тоа што станува збор за голем пристанишен град, Риека е оценета како дестинација која може да понуди порелаксиран престој.
Интересно е што Љубљана, која важи за еден од најзелените и помирни европски градови, се најде на 10-тото место. Токму словенечката престолнина има најголем удел на зелени површини меѓу 66-те анализирани градови. Тампере има најчист воздух, додека Хаг ја добил највисоката оценка за безбедност.
Сепак, резултатите треба да се сфатат како туристичка анализа, а не како официјално европско рангирање на квалитетот на живот. Истражувањето е изработено од приватна компанија според сопствена методологија.
И покрај тоа, седмото место ја става Риека во друштво на низа северно- и централноевропски градови и може да ѝ даде дополнителна туристичка привлечност – особено за оние кои сакаат комбинација од море, градски живот и порелаксирана атмосфера.
