Најранливите домаќинства ќе можат да добијат финансиска поддршка за набавка на инвертер клима-уред со моќност од 3.5 киловати и енергетска класа од најмалку А+, преку новата мерка објавена од Министерството за енергетика.
Целта на мерката е намалување на трошоците за електрична енергија и затоплување, особено во услови на зголемена енергетска сиромаштија. Право на аплицирање имаат домаќинства со ниски месечни приходи – до 25.000 денари за едночлено, 31.000 за двочлено, 37.000 за трочлено и 43.000 денари за домаќинства со четири или повеќе члена. Висината на субвенцијата ќе изнесува од 25.000 до 35.000 денари, зависно од бројот на членови.
Дополнително, помош ќе може да добијат и пензионерски семејства со ниски примања – од 10.000 до 20.000 денари. Исклучени се корисници кои се приклучени на централно парно или претходно добиле државна поддршка за климатизација или греење.
Огласот ќе биде отворен 60 дена од денот на објавување, а за реализација на оваа мерка се издвоени 170 милиони денари од државниот буџет. Деталите и потребните обрасци за аплицирање се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика.
За да конкурирате треба да имате барање на Образец 2 кој може да се подигне во архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Што треба да содржи барањето:
Барање за стекнување на право на купен и вграден инвертер клима-уред
2.1 Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат домаќинствата од точки 1.1. и 1.2. од овој јавен оглас кои ќе поднесат Образец барање за право на купен и вграден инвертер клима-уред. Барањето за право на купен и вграден инвертер клима-уред се доставува на пополнет образец и тоа:
- За домаќинства со ниски приходи, барање на Образец 1 кој може да се подигне во архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
- За домаќинства во кое единствен приход е од корисник на пензија, барање на Образец 2 кој може да се подигне во архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
2.2 Со барањето за право на купен и вграден инвертер клима-уред барателот-домаќинство со ниски приходи и барателот-домаќинство во кое единствен приход е од корисник на пензија до Министерството задолжително ги доставува следните документи:
- Изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна, како и негова согласност за спроведување на мониторинг (образецот на изјавата може да се подигне во архивата на Министерството или да се обезбеди преку интернет страната на министерството: www.energy.gov.mk),
- Фотокопија од лична карта на барателот,
- Доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни лица, извод од матична книга на родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството) и
- Фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2025 година.
