Во 2016 година просечната нето-плата изнесувала 22.342 денари, односно околу 363 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Истата година, просечната цена на квадрат станбена површина во Скопје била 50.829 денари, или приближно 826 евра. (www.stat.gov.mk)
Тоа значи дека стан од 50 квадратни метри чинел околу 41.300 евра. За да се купи само со просечна плата, без да се потроши ниту денар за живот, биле потребни околу 9,5 години работа.
Ако едно семејство можело да одвојува пореални 30 проценти од платата, за истиот стан би штедело приближно 31 и пол година.
Денес: 50 квадрати чинат речиси 108.000 евра
Во мај 2026 година просечната нето-плата достигна 49.544 денари, односно околу 806 евра. Во меѓувреме, просечната барана цена на стан во Скопје, според платформата „Цена квадрат“, достигна 2.158 евра за квадрат. (www.stat.mk)
По оваа цена, стан од 50 квадрати денес чини околу 107.900 евра.
За негово купување се потребни:
- околу 11 години и два месеца, ако се одвојува целата просечна плата;
- околу 37 години, ако се штедат 30 проценти од платата.
Платата пораснала за 122%, квадратот за 161%
За десет години просечната нето-плата пораснала од 22.342 на 49.544 денари, односно за околу 122 проценти.
Но квадратот во Скопје пораснал од приближно 826 на 2.158 евра – за околу 161 процент.
Со други зборови, платата денес е околу 2,2 пати повисока, но квадратот е 2,6 пати поскап.
Токму затоа, и покрај растот на примањата, патот до сопствен стан е подолг: во 2016 година биле потребни околу 9,5 години целосни просечни плати, а денес повеќе од 11 години.
