Младите сè помалку се движат: Само 14% од адолесцентите се физички активни секој ден
Актуелно

Младите сè помалку се движат: Само 14% од адолесцентите се физички активни секој ден

10. 11. 2026.

Младите ширум светот сè повеќе го заменуваат движењето со времето пред екраните, а ново глобално истражување предупредува на загрижувачки тренд.

Физичката активност станува сè поретка навика кај младите. Видеоигрите, стриминг-платформите, социјалните мрежи и училишните обврски се дел од причините поради кои адолесцентите сè помалку време поминуваат во движење и активности на отворено.

Ова го покажува ново истражување спроведено од научници од британски универзитети и Светската здравствена организација (СЗО), кое опфатило податоци од 3,2 милиони деца и адолесценти на возраст од 11 до 17 години во 140 земји.

Резултатите се загрижувачки: само 14 отсто од младите изјавиле дека биле физички активни најмалку 60 минути секој ден во текот на неделата пред анкетата. Уште позагрижувачки е податокот дека секој четврти адолесцент признал дека немал ниту еден ден со најмалку еден час физичка активност.

Големи разлики меѓу земјите

Истражувањето открива значителни разлики во навиките на младите во различни делови од светот. Во некои земји само 3 до 4 отсто од адолесцентите пријавиле дека немале ниту еден ден со физичка активност, додека во други земји овој процент надминува 40 отсто.

Како едни од најактивните се издвојуваат младите во Финска и Канада, каде што околу 30 отсто од адолесцентите изјавиле дека секојдневно вежбале или практикувале физичка активност.

Од друга страна, младите во Германија, Франција и Италија се под глобалниот просек. Секојдневна физичка активност пријавиле само 13 отсто од адолесцентите во Германија, 11 отсто во Франција и 9 отсто во Италија.

Истражувањето покажува и дека со возраста физичката активност опаѓа. Имено, 11-годишниците се поактивни од 17-годишниците.

Момчињата се поактивни од девојчињата

Разликите се забележуваат и меѓу половите. Податоците од Обединетото Кралство покажуваат дека 21 отсто од момчињата практикуваат најмалку 60 минути физичка активност секој ден, додека кај девојчињата овој процент изнесува само 13 отсто.

Научниците предупредуваат дека недостигот од физичка активност во адолесценцијата може да има последици и во подоцнежниот живот.

„Физичката активност за време на адолесценцијата го подобрува сегашното и идното физичко и ментално здравје и придонесува за спречување незаразни болести“, наведуваат истражувачите во научниот труд објавен во медицинското списание „The Lancet“.

Од СЗО предупредуваат дека физичката неактивност е еден од главните ризик-фактори за срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и одредени видови рак.