Уште половина месец имаат рок газдите да исплатат К-15 на вработените!
Актуелно

Уште половина месец имаат рок газдите да исплатат К-15 на вработените!

15. 12. 2025.

До крајот на годинава вработените во приватниот и јавниот сектор треба да добијат регрес за годишен одмор или познатиот К-15. Според пресметката во приватниот сектор работодавачите имаа обврска да исплатат речиси 300 евра, а по 200 евра оние кои се вработени во државните институции и фирми. Регресот во земјава се иплаќа од први јули до 31 декември.

Од Сојузот на синдикати на Македонија ги потсетуваат газдите дека до крајот на годината на сите работници треба да им се исплати регрес за годишен одмор што е регулирано со Општиот колективен договор за јавниот сектор и со Општиот колективен договор за приватниот сектор. Член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор предвидува регрес во висина од најмалку 40% од основицата или 18.141 денари, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Член 21 од Општиот колективен договор за јавниот сектор пак предвидува право на регрес од најмалку 30% од основицата или 12.372 денари, под истиот услов за стаж. К-15 следува и за работници што ја смениле работата, доколку претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

„Остана половина месец во кои фирмите и работодавачите имаат обврска да го исплатат К-15. Според законот, право на регрес има секој вработен со најмалку шест месеци непрекинат стаж кај истиот работодавач, без разлика дали е на определено или неопределено време. ССМ наведува дека за 2025 година регрес е обезбеден за околу 600 илјади вработени во приватниот и јавниот сектор, согласно со двата општи колективни договора“, велат од ССМ.

Синдикалците ги потсетуваат работодавачите дека за неодговорните работодавци кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.

Оваа законска обврска, од ССМ велат дека дополнително придонесува за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците според Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, а за минатата година веќе се поднесени неколку кривични пријави од страна на ССМ. 

Податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека најмногу работодавачи исплатиле регрес во 2019 година и тоа на 44.839 работници, а најмногу работници добиле К-15 во 2024 година, односно 459.451.