Новото „должен си ко Грчка“ е „должен си ко Холандија“: Eвростат ги објави долговите на домаќинствата во ЕУ
Актуелно

Новото „должен си ко Грчка“ е „должен си ко Холандија“: Eвростат ги објави долговите на домаќинствата во ЕУ

21. 07. 2026.

Според широко распространетиот стереотип, жителите на јужна Европа живеат над своите можности, додека жителите на север се поштедливи. Сепак, најновите податоци откриваат сосема поинаква реалност. Најзадолжените домаќинства во Европската Унија не се во јужните економии, кои често се перципираат како нестабилни, туку на богатиот север од континентот.

Според податоците објавени од „Евростат“ овој месец, долгот на домаќинствата во ЕУ во 2025 година изнесувал 49,4 проценти од БДП, а во еврозоната – 50,7 проценти. И двете вредности се намалуваат секоја година од 2020 година, кога надминуваа 60 проценти, пишува „Еуроњуз“.

Високиот долг на домаќинствата сам по себе не мора да биде проблем. Земјите со развиен пазар на недвижности и со висок удел во сопственоста на станбени простории финансирани од кредити или напредни финансиски системи, честопати имаат повисоки стапки на задолженост. Сепак, прекумерната задолженост може да ги продлабочи економските кризи. Европската комисија смета дека задолженоста на домаќинствата станува макроекономски ризик кога го надминува нивото од 55 проценти од БДП. Историјата покажува дека приватните, а не јавните долгови, почесто ги туркале економиите во кредитни кризи. Големата финансиска криза од 2008 година почна токму од билансите на домаќинствата, а не од државите.

Најизненадувачко откритие е јасната поделба помеѓу северот и југот на Европа. Седум земји членки на ЕУ имаат долг на домаќинствата над 55 проценти од БДП и сите се наоѓаат во северна или во западна Европа. Од друга страна, јужна Европа, која во минатото беше поврзана со кризи на јавен долг, бележи релативно ниска задолженост на домаќинствата. Италијанскиот долг на домаќинствата изнесува само 35,9 проценти од БДП, во Грција е 38,0 проценти, а во Шпанија 42,9 проценти. Но, затоа долгот на домаќинствата во најголемата европска економија, Германија, е 49 проценти. Португалските домаќинства имаат вкупен долг од 53,9 %, а кипарските 54,2 %. Задолженоста на Белгијците е уште поголема – 56,4 %, на Французите е далеку над европскиот просек и изнесува 59,5 %, а на домаќинствата на Луксембург надминува 60 проценти (60,5 %). Над 60 проценти задолженост имаат и Финците – 62,9 %, Швеѓаните – 82,3 %, Данците 84,1 %, додека вистински рекордери се Холанѓаните, кои должат 93,5 %, безмалку еднаква вредност со онаа што ја создава економијата на целата држава.

Извор: vecer.press