Матурантите ќе полагаат три типа матурски испити - од следната сабота почнува проверката на знаењето
Актуелно

Матурантите ќе полагаат три типа матурски испити - од следната сабота почнува проверката на знаењето

29. 05. 2026.

Идната сабота започнува полагањето на екстерните испити од матурата за повеќе од 14.500 ученици кои го завршуваат средното образование во учебната 2025/2026 година.

Во согласност со измените на Законот за средното образование, матурантите годинава за првпат ќе полагаат три различни типа матурски испит: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

За секој предмет се изработени посебни испитни програми базирани на четиригодишната настава.

„Целта ни е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Во согласност со новата Концепција, изработени се посебни тестови за секој вид матура. Организацијата бара поголем ангажман, но подготвени сме да одговориме на предизвикот“, изјави Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ).

Од вкупно пријавените 14.587 ученици, најголемиот дел ќе полагаат класична државна матура. Интересно е што учениците од стручните и уметничките училишта имаа можност да бираат меѓу државна или профилирана (стручна/уметничка) матура.

Испитите ќе започнат во 9:00 часот наутро, според следниот календар:

  • 6 јуни (сабота) – Изборен екстерен предмет:

- Државна матура: Странски јазик или математика.

- Државна стручна матура: Англиски јазик или математика.

- Државна уметничка матура: Англиски јазик или историја.

  • 11 јуни (четврток) – Задолжителен мајчин јазик (Македонски, Албански, Турски или Српски) за кандидатите кои полагаат државна матура.
  • 12 јуни (петок) – Задолжителен мајчин јазик за кандидатите кои полагаат стручна и уметничка матура.

Од Државниот испитен центар (ДИЦ) нагласуваат дека сè е подготвено за новиот концепт.

Извор: skopjeinfo.mk