Проценката, спроведена во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка од УНИЦЕФ, претставува прв сеопфатен преглед на училишните нутритивни средини во земјата. Во неа се опфатени 40 основни и средни училишта, а учествуваа околу 1.700 ученици.
Наодите укажуваат на слична состојба во сите училишни средини – кога и да побара детето храна на училиште, нездравата опција е секогаш тука, а здравата честопати ја нема.
Во отсуство на национална програма за училишна исхрана, многу деца купуваат храна во училишните продавници или од автомати. Истражувањето покажува дека во секое училиште каде што се продава храна (20 проценти од опфатените училишта), сите опции биле нездрави. Освен тоа, речиси сите ученици, кога се на училиште, можат да купуваат храна од блиските продавници, каде што се широко достапни и интензивно се рекламираат засладени пијалаци и ултрапреработени производи богати со масти, шеќер и сол.
Проценката покажа дека училиштата што обезбедуваат оброци (35 проценти од опфатените училишта) ги почитуваат националните стандарди за исхрана, меѓутоа, нездравата храна често е присутна во училишните ужинки – што укажува на потребата од построги стандарди со кои ќе се воведат ограничувања за нездравата храна.
Од друга страна, наодите покажуваат силна поддршка меѓу учениците за поздрава нутритивна средина во училиштата. Над 80 проценти поддржуваат обезбедување здрави и хранливи оброци во училиштата, 60 проценти веруваат дека намалувањето на достапноста на нездрава храна во и околу училиштата би им помогнало да направат поздрав избор, а 85 проценти велат дека храната што се продава во училиштата треба да биде со прифатлива цена.
