Од светот назад во Реплек
Успешни бизнис приказни

Од светот назад во Реплек

20. 06. 2025.

Во наредниот период ќе пренесеме автентични приказни за професионалци што своите меѓународни искуства ги вратија дома - во Реплек. Преку нивните зборови ќе ја откриеме вредноста на посветеноста, стручноста и љубовта кон сопствената земја.

Во серијалот „Од светот назад во Реплек“, ќе слушнете луѓе кои зборуваат за љубовта кон професијата, посветеноста и вербата во иднината дома, во Македонија. Разговараме со вработени во Реплек на различни позиции секој со своја приказна, но со една заедничка изјава: Само дома си е дома!

Овие приказни се инспирација за сите оние кои размислуваат дали и во која компанија да се вратат во Македонија, но и дали има простор да го искористат стекнатото знаење и искуство од надвор.

Параскева Блажеска - Кети, Специјалист за развој и одржување на софтвер

Од Солун назад во татковината со знаење, искуство и јасна цел: Запознајте ја Кети од Реплек

Серијалот „Од светот назад во Реплек“ го продолжуваме со Параскева Блажеска, или како што сите ја знаат - Кети. Има само 33 години, но зад себе носи богато меѓународно искуство и цврста професионална насока. По осум години поминати во Грција, каде што го завршила своето образование на еден од најреномираните универзитети - Аристотел во Солун, денес таа е Специјалист за развој и одржување на софтвер во секторот за Дигитални сервиси во компанијата Реплек. Со неа разговаравме за животот надвор од Македонија, враќањето дома, за една мала дискриминација за предизвиците и придобивките од странското искуство, како и за тоа зошто токму Реплек беше нејзиниот професионален избор.

„По завршување на средно школо заминав во Грција, Солун каде што го продолжив своето образование на државниот универзитет Аристотел, на факултетот за електротехника и компјутерско инженерство“ - ја почнува својата кариерна приказна Кети па додава: „Најпрвин учев грчки јазик една година, па наредната година започнав со факултетските студии на грчки јазик кои беа 5 години. Студирањето во Солун беше една од моите животни желби со кои што сакав да си докажам сама на себеси колку можам односно дека не постојат граници туку кога се сака, сè се може. Јас сум дипломиран електромашински инженер, а бев таму 8 години“.

Во тие 8 години вели дека најмногу и недостигала слободата да биде тоа што е: „Ми недостигаше топлината од мојот дом, слободата да бидам онаква каква што сум јас и можноста да се докажувам како личност без предрасуди од каде доаѓам.“

Иако интелектуалниот свет не би требало да има предрасуди и дискриминација сепак одлуката да се врати од Солун во Македонија била поттикната токму од една мала дискриминација: 

„После студиите, знаев дека не сакам да продолжам да живеам онаму каде што не се чувствувам како да сум дома зошто сè уште постоеше мала дискриминација во однос на тоа од која држава доаѓам“ - заклучува Кети.

А за враќањето дома вели:

„По враќањето во Македонија, еден од најголемите предизвици беше адаптирањето на социјалната и професионалната средина особено заради стручните изрази кои не ми беа познати воопшто или само малку познати. Грците имаат доста богат јазик и ги користат своите зборови за објаснување на процеси или изрази. Меѓутоа во глобала сите предизвици лесно ги совладав зошто сум порасната и одгледана тука. Процесот на прилагодување беше постепен и понекогаш предизвикувачки, бидејќи се навикнував на малку поинаква динамика на животот. Но, сепак, ги пронајдов сите тие мали, но значајни работи што ја прават Македонија мој дом – топлината на луѓето, помалите, но искрени моменти во комуникацијата и слободата да се живее и работи со поголема индивидуална автономија“.

  Ште е тоа што ја променило Кети додека студирала во Грција?

„Студиите во странство ме променија целосно - односно станав поодговорна, полна со самодоверба, поорганизирана во однос на време и ресурси, поефективна, трпелива,  самостојна, истрајна и со најтешките предизвици, а и доста поотворена во однос на размислувањата. Комуницирав со луѓе од различни култури, религии, сфаќања и од сите научив по нешто. Најважно е дека колку и да е тешко, сепак можеш, доколку се трудиш навистина силно зошто за секој проблем постои решение!

  Што е она со што Реплек како компанија ја привлекло и што ја мотивираше да стане дел од тимот?

„Она што ме привлече во Реплек беше компанијата и нејзината посветеност на иновации и тимскиот дух. Ми се допадна што се инвестира во развој на нови технологии и што се цени креативноста и иницијативата. Најбитно е тоа што вредностите на компанијата се поклопуваат со моите лични“.

 Со оглед на искуството во странство како Кети гледа на пазарот на трудот во земјава дали е доволно отворен за луѓе со меѓународно искуство?

„Мислам дека пазарот на трудот во Македонија сè повеќе се отвора за луѓе со меѓународно искуство, иако сè уште има простор за напредок. Во последните години, се зголемува свеста за важноста на глобалната конкурентност, што создава можности за луѓе кои се вратиле од странство да ги применат своите знаења и искуства овде“.

И за крај Кети направи споредба со состојбата на пазарот на трудот тука и во странство, па вели:

„Во странство, пазарот на трудот е многу поотворен за нови идеи и иновации, а исто така и условите за работа се пофлексибилни. Во Македонија пазарот е во развој, особено во ИТ секторот. Сè повеќе се отвараат вратите за квалификувани и искусни професионалци од странство, што е голема можност за сите кои сакаат да се вратат и да допринесат за развојот на земјата.