Интернет измамите земаат сè поголем замав во Македонија, а измамниците секојдневно стануваат сè покреативни и поопасни. Последните податоци на надлежните институции предупредуваат – ризикот е реален, а мета може да биде секој граѓанин кој купува, продава или комуницира онлајн.
Најчести форми на измама во моментов се:
- Фишинг пораки што личат на оние од банки, пошта или државни институции
- Лажни СМС пораки за „пристигнати пратки“
- Фалсификувани фактури испратени од лажни е-маил адреси
- Реклами со злоупотреба на познати личности
- Лажни телефонски повици со ветување за заработка преку криптовалути
Според податоците на МВР, само годинава во Секторот за компјутерски криминал стигнале 43 пријави за измами преку интернет и 22 пријави за манипулации преку телефон. Во некои случаи, жртвите биле убедувани да инсталираат софтвер со кој наводно ќе заработуваат, а наместо тоа – останале со испразнети банкарски сметки.
„Пораките изгледаат доверливо, но целта е да се измамат корисниците и да се добијат нивните лични или финансиски податоци“, предупредуваат од МВР.
Експертите алармираат – купувајте онлајн само од проверени продавачи и никогаш не споделувајте броеви на картички или лозинки преку е-маил, СМС или социјални мрежи. Ако забележите злоупотреба на личните податоци или банкарската картичка – веднаш пријавете во МВР и во Агенцијата за заштита на личните податоци.
Во земјава сè уште нема ефикасен механизам за целосно спречување на вакви напади, па надлежните испраќаат јасен апел: „Отворете четири очи, за да не останете и без пари, и без производ“.
