Предупредувањето го упати директорот за производство Михаел Шибе на состанок со вработените во фабриката во Зинделфинген.
Од компанијата нагласуваат дека нивната цел останува задржување на сите германски производствени локации, но за тоа, според раководството, мора да се најде начин производството во земјата да стане поконкурентно.
Една фабрика за автомобили и една за компоненти се под знак прашалник
Засега не е донесена одлука за затворање, ниту „Мерцедес“ официјално соопшти кои две локации би биле засегнати.
Компанијата има фабрики за склопување автомобили во Зинделфинген, Раштат и Бремен, додека погонски компоненти се произведуваат на повеќе германски локации, меѓу кои Штутгарт-Унтертуркхајм, Берлин и Хамбург.
Во германските медиуми како можни засегнати локации се споменуваат Бремен и Хамбург, но тоа не е официјално потврдено од компанијата.
Подолго работно време за иста плата
Една од главните точки во разговорите меѓу раководството и претставниците на вработените е работното време.
Менаџментот предложил преминување од сегашните 35 на 38 работни часа неделно без соодветно зголемување на платата, што практично би значело три дополнителни часа работа неделно за иста заработка. Работничките претставници се спротивставуваат на предлогот.
Притисокот врз компанијата доаѓа во период кога германската автомобилска индустрија се соочува со силна конкуренција од Кина, повисоки американски царини и значително повисоки трошоци за производство во Германија.
Во Унгарија производството е значително поевтино
Особено голема е разликата со фабриката на „Мерцедес“ во Кечкемет, Унгарија, која во меѓувреме стана најголемата европска фабрика на компанијата.
Според податоците што ги наведува компанијата, трошоците таму се околу 70% пониски отколку во Германија. Меѓу причините се пониските трошоци за труд, поголемиот број работни часови и пониското ниво на отсуства поради боледување.
Во исто време, „Мерцедес“ го проширува производството во Унгарија, додека во Германија се обидува дополнително да ги намали трошоците.
Одлуката сè уште не е донесена
Иако предупредувањето е сериозно, не значи дека две фабрики веќе се затвораат. Судбината на германските погони ќе зависи и од исходот на разговорите за намалување на трошоците.
Работничкиот совет, од своја страна, се спротивставува на можноста затворањето фабрики да се користи како притисок во преговорите и најавува дека ќе се бори за зачувување на работните места.
