Македонски парадокс – храната најевтина, а животот скап
Актуелно

Македонски парадокс – храната најевтина, а животот скап

16. 12. 2025.

Храната во Македонија е најевтина, но животот е скап. Податоците на европската статистика ни покажаа дека кај нас, цените на храната се најниски, но оваа информација, и покрај тоа што на прв поглед изгледа утешително, сепак, реалноста е малку поинаква.

Имено, податоците се однесуваат на 2024 година, кога речиси цела година имаше мерки за спречување на растот на инфлацијата. Оваа година, откако престанаа да важат ограничените маржи, цените на храната се качија и инфлацијата значително порасна. Поради ова, синдикатите излегоа со барање за зголемување на платите, а особено на минималецот, кој, според нивните пресметки, треба да изнесува 600 евра.

Економските експерти сметаат дека, и покрај тоа што е неопходно зголемување на платите во државата, сепак, тие не треба да растат независно од економските параметри, односно за да се зголемат, треба да се зголемат продуктивноста, ефикасноста…

– Ако растат побарувачката и цените, нормално е да се бара и раст на платите, бидејќи граѓаните не може да опстанат поради растот на инфлацијата, која во моментов е околу 3,8 отсто. Мерките што беа донесени минатата година, влијаеја да се намалат цените и да се одржува ниското ниво на инфлација. Но, по престанокот на мерките, цените се качија. И покрај тоа што во ноември, во однос на октомври, се намали инфлацијата за 0,5 отсто, сепак, неопходно е таа да биде строго контролирана со мерки на монетарната и на фискалната политика. Од друга страна, платите сами по себе не може да пораснат, туку треба да бидат проследени со раст на продуктивноста, ефикасноста и со поголема пазарна промоција – изјави за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според Пејковски, големо влијание врз растот на цените имал ковидот, кога порасна инфлацијата дури за 20 отсто. Поради тоа, сега цените сè уште не може да се доведат на едно прифатливо ниво.

– Треба да се има предвид фактот дека Македонија е отворена економија и е зависна од увозот на храна, енергија, суровини, репроматеријали… така што нивните цени, преку берзанските, влијаат врз цените кај нас. Покрај надворешните фактори, врз цените влијаат и понудата и побарувачката, односно цените растат под влијание на поголемата побарувачка – објаснува Пејковски.

Тој вели дека и во моментов има мерки, но дека тие имаат одложено дејство, односно за да се почувствува нивниот ефект, потребно е време.

И претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски,  смета дека податоците на европската статистика се доказ за она што го зборуваме ние, дека цените на храната кај нас се ниски.

– Цените на храната кај нас се ниски, но друг е проблемот, ние произведуваме малку храна и сме зависни од увоз. Точно дека по преземените мерки од страна на Владата се намалуваа цените, но откако беа тргнувани мерките, цените повторно се зголемуваа. Поради тоа, сметам дека економијата треба да се води врз основа на пазарни принципи, а не врз основа на популизам или на административни решенија, кои често може да имаат контраефект – вели Георгиевски.

Што се однесува до другите фактори што влијаат на стандардот на граѓаните, како, на пример, платите, тој смета дека треба да се направи анализа во однос оние во регионот. Смета дека не треба да се гледа само минималната плата, бидејќи ако се анализираат сите плати кај нас, ќе се види дека генерално има раст на платите во државата.

Дел од економистите, пак, сметаат дека цените на храната не треба да се гледаат изолирано, туку во контекст на платите. Така, ако растат цените, треба да растат и платите, но ова правило не важи за кај нас. Според нив, кај нас, и покрај тоа што цените на храната се најниски, платите се најниски и затоа е скап животот.

Сепак, храната и понатаму останува еден од најголемите трошоци за домаќинствата не само кај нас туку и во Европа.

Според податоците за 2024 година, Швајцарија е убедливо најскапа земја со индекс од 161,1, што значи дека цените на храната се за 61,1 % повисоки од просекот на ЕУ. По неа следуваат Исланд (146,3) и Норвешка (130,6), земји што, исто така, не се членки на Унијата.

Во рамките на ЕУ, жителите на Луксембург мора да имаат длабок џеб, зашто цените се за 25,7 % повисоки од просекот. Високи цени се регистрирани и во Данска, Ирска, Франција, Австрија и на Малта.

Од друга страна, најевтина храна во Европа има во Македонија, со цени за 27 % пониски од просекот на ЕУ.

Во рамките на Унијата, Романија е најповолна состојба, каде што истата кошничка со храна е поевтина за 25, 4%. Ниските цени на храната се карактеристични за Југоисточна Европа и за Западен Балкан, па затоа Турција, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија се, исто така, значително под просекот. Меѓу најголемите економии во ЕУ, цените во Германија и во Италија се малку над просекот, додека Франција е значително поскапа. Во Шпанија, од друга страна, е за 5,4 % поевтино од просекот на Унијата.

Извор: vecer.press