Снимката е направена на 28 јули, за време на отворањето на нов дел од угостителски објект во Чачак, а досега е прегледана повеќе од 1,4 милиони пати.
На видеото се гледа како вработениот Маринко, испратен со аплауз и овации од присутните, излегува од ресторанот. Таму го пречекува ќерката на сопственикот, која му ги предава клучевите од новиот автомобил.
„Ова е подарок од нашето семејство за тебе – за целиот труд, љубов и посветеност што ги вложи овде. Знам колку даде од себе. Немам доволно зборови да ти се заблагодарам за сè. Овие клучеви се твои, а автомобилот е твој“, му вели таа додека му ги предава клучевите.
Таа додава дека Маринко е со нив многу години и дека ваков подарок целосно го заслужил. Видно трогнат, тој со емоции ги прифаќа клучевите.
Лицето кое го снимило видеото открива дека сопственикот Славко не сакал ваков вид промоција и не му била намерата на овој начин да стекне популарност. Сепак, присутните ја објавиле снимката на социјалните мрежи, по што таа брзо станала вирална.
Ресторанот Ракичевиќ во Чачак работи речиси 20 години, главно организирајќи свадби и други свечености.
Под видеото се редат позитивни коментари, а еден од најсподелуваните гласи:
„Дали директорите на другите компании го гледаат ова?“
