Сашко Кедев влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот алпинист што ги освоил сите 14 врвови над 8.000 метри
Актуелно

Сашко Кедев влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот алпинист што ги освоил сите 14 врвови над 8.000 метри

16. 11. 2026.

Македонскиот кардиолог и алпинист Сашко Кедев официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди како највозрасната личност во светот што ги искачила сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри. Со овој историски подвиг, Кедев испиша нова страница во македонскиот и светскиот алпинизам.

Рекордот го поставил на 20 јули 2025 година, кога успешно го освоил врвот Гашербрум I, со што го комплетирал искачувањето на сите 14 осумилјадници во светот.

Во моментот на последното искачување, Кедев имал 63 години и 14 дена, со што станал највозрасниот алпинист што успеал да го заврши овој исклучително тежок планинарски предизвик.

Роден на 6 јули 1962 година, д-р Сашко Кедев зад себе има долгогодишна кариера како кардиолог, но и низа врвни достигнувања во алпинизмот.

Ги освои и највисоките врвови на сите седум континенти

Покрај освојувањето на сите 14 осумилјадници, Кедев има уште еден значаен алпинистички успех – ги има искачено и таканаречените „Седум врвови“, односно највисоките планински точки на седумте континенти.

Неговиот поход кон овој предизвик започнал на 14 јануари 2008 година, со искачувањето на Аконкагва во Јужна Америка.

Предизвикот го завршил на 6 ноември 2011 година, кога го освоил Пункак Џаја, познат и како Пирамида Карстенц, во Океанија.

Со тоа, Кедев станал највозрасната личност што успеала да ги освои и сите 14 осумилјадници и највисоките врвови на седумте континенти.

Одликуван со Орден „8 Септември“

Неговите исклучителни достигнувања добија и државно признание.

Во ноември 2025 година, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го одликуваше Сашко Кедев со Орден „8 Септември“.

Признанието му беше доделено за особените заслуги во областа на медицината, како и за историскиот алпинистички подвиг со кој стана првиот Македонец што ги искачил сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри.

При доделувањето на орденот, Кедев истакна дека постигнатиот успех не го смета само за лично достигнување, туку и за национален успех што им го посветува на сите граѓани на Македонија.

Со влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, неговото име добива уште едно меѓународно признание, а Македонија добива свое место во историјата на светскиот алпинизам.