АКО ПЛАЌАТЕ 2.500 ЕВРА КВАДРАТ ЗА СТАН ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ПЛАЌАТЕ И ПОВИСОК ДАНОК НА ИМОТ: Град Скопје прави нови пресметки
Актуелно

АКО ПЛАЌАТЕ 2.500 ЕВРА КВАДРАТ ЗА СТАН ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ПЛАЌАТЕ И ПОВИСОК ДАНОК НА ИМОТ: Град Скопје прави нови пресметки

24. 07. 2026.

Сопствениците на имот во Скопје во наредниот период може да очекуваат повисоки сметки за данок на имот, како резултат на новиот Правилник за унифицирање на цените на земјиштето и зоните, кој неодамна го усвои Советот на Град Скопје, објави Слободен Печат.

Први на удар се жителите на општините Центар и Карпош, каде што во соработка со УНДП веќе се врши репроценка на имотот и каде што наскоро ќе бидат доставени новите даночни решенија со зголемени износи. Намерата на Градот е овој процес постепено да се прошири на сите скопски општини.

* Кои се главните причини за зголемувањето на данокот?

Законска обврска за ревизија на секои 4 години: Според методологијата за процена, даночната основа мора да се заснова врз реалната пазарна вредност. Градот има обврска редовно да го ажурира Правилникот, што не било направено во последните 7 до 8 години.

Драстичен скок на цените на недвижностите: Во изминатите години цените на становите драстично пораснаа. Од Градот за „Слободен печат“ објаснуваат дека се случувале ситуации каде стан се продава за 2.500 евра по квадрат, а се даночи по старата проценка од 1.200 евра.

Усогласување со купопродажните договори: Новите даночни основи ќе се пресметуваат според реалните суми за кои навистина се продаваат и купуваат становите и земјиштето на пазарот.

Граѓаните кои на почетокот на овој месец ги добија електронските решенија за 2026 година со стари, непроменети износи, треба да имаат предвид дека со завршувањето на репроценките ќе следат нови решенија кои ќе ги рефлектираат новите, повисоки даночни основи.

Извор: faktor.mk