Овоштарите велат дека состојбата е особено тешка поради високите трошоци за работна сила. Тие вчера се приклучија на протестот на земјоделците и сточарите во Тополчани, при што беше блокиран патот Битола–Прилеп.
Според производителите, индустриското јаболко моментално се откупува за околу 4 денари за килограм, додека конзумното достигнува околу 15 денари. За споредба, лани индустриското јаболко се откупувало за 10–11 денари, а конзумното за 25–30 денари.
„Откупната цена на индустриското јаболко е 4 денари, за таа цена нема ни мастика во продавница“, изјави Кире Карапалевски, претставник на јаболкопроизводителите од Преспа.
Производителите посочуваат и дека сè уште ги очекуваат субвенциите од 2 денари за килограм предадено јаболко за 2024 година. Како дополнителен проблем го наведуваат и растот на трошоците за берба, бидејќи, според нив, дневницата за работник достигнува и до 50 евра.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека постапката за исплата на субвенциите е во тек и дека финансиската поддршка ќе ги опфати производителите кои навремено поднеле барање и ги исполнуваат условите.
Во однос на откупната цена, од Министерството посочуваат дека таа е пазарна категорија и не може административно да се определува. Од МЗШВ велат дека комуницираат со производителите, откупувачите и преработувачите за организирано преземање и пласман на родот, додека Државниот инспекторат за земјоделство го следи откупот на терен.
Преспа е еден од главните региони за производство на јаболка во земјава, но овоштарите со години се соочуваат со климатски промени, високи производствени трошоци и нестабилни откупни цени.
