Зошто умира Мртвото Море?
Актуелно

Зошто умира Мртвото Море?

18. 04. 2025.

Едно од најнеобичните светски чуда на природата, Мртвото Море, со децении „умира“ – буквално. Нивото на водата опаѓа за повеќе од еден метар секоја година, а сателитските снимки јасно го покажуваат драматичното повлекување на неговите брегови. Географи, еколози и локални заедници со години предупредуваат на алармантните последици, но конкретно решение сè уште не се наѕира.

Мртвото Море (познато и како Солено Море, Море на смртта или Море на Лот) е езеро кое се наоѓа на границата меѓу Израел и Јордан и се смета за еден од најфасцинантните природни феномени во светот. Имено, не само што претставува најниска точка на земјината топка, туку е познато и по својата исклучителна соленост. Водата во Мртвото Море е дури 10 пати посолена од просечната морска вода.

Површината на Мртвото Море изнесува околу 600 квадратни километри, а нивото на водата се наоѓа дури 429 метри под нивото на морето. Оваа изолација го прави исклучително чувствително на промените во околината. Еден од клучните проблеми е пренасочувањето на реката Јордан, главниот извор на свежа вода која со милениуми го хранела Мртвото Море. Денес најголемиот дел од нејзиниот тек се користи за наводнување и за вода за пиење, а она што стигнува до езерото едвај има сила да ја промени неговата судбина.

Истовремено, индустриската експлоатација на минерали дополнително ја влошува ситуацијата. Се пумпаат огромни количини вода за ископ на калиум, магнезиум и други вредни суровини кои настануваат со испарување. Тоа е процес што природно трае со векови, но сега се одвива забрзано, под човечка контрола.

Последиците врз животната средина се огромни. Освен што се намалува површината на Мртвото Море, земјата што останува зад повлекувањето на водата станува нестабилна. Кратерите на уривање, познати како провалнини, стануваат сè почести, а досега се забележани над 6.000. Тие проголтуваат кампови, патишта, па дури и туристички објекти. Некои крајбрежни области се сметаат за трајно изгубени.

Научниците предупредуваат дека, ако ништо не се промени, Мртвото Море до средината на овој век може да се претвори во збир од помали, неповрзани солени базени. Иако во минатото постоеле амбициозни планови за доведување вода од Црвеното Море, проектот „Red-Dead“ се соочува со бројни пречки – од еколошки ризици до политички несогласувања меѓу земјите во регионот.

Сепак, сè уште има надеж. Бројни локални иницијативи се обидуваат да ја подигнат свеста за важноста од зачувување на овој уникатен екосистем. Како можни патишта кон поодговорно управување со ресурсите сè почесто се споменуваат едукативни кампови, научни симпозиуми и одржлив туризам. Едно е сигурно – ако светот сака да го спаси Мртвото Море, времето за акција истекува.