Познато?
Во текот на денот сме изложени на огромен број информации, разговори, известувања и задачи. Додека вниманието постојано се префрла од една обврска на друга, едноставно немаме простор да размислуваме за сè што ни се случува.
Но, кога ќе дојде вечерта и надворешните дразби ќе се намалат, мислите конечно добиваат простор.
И тогаш започнува „вечерната смена“ на мозокот.
„Само да проверам уште нешто...“
За многумина границата меѓу работата и приватното време стана значително потенка.
Службениот мејл е на телефонот. Пораките од колегите пристигнуваат и по работното време. Лаптопот е на неколку метри од креветот, особено ако работиме од дома.
Затоа не е чудно што понекогаш физички сме завршиле со работа, но ментално сè уште сме во канцеларија.
„Дали го испратив документот?“
„Утре морам прво да се јавам таму.“
„Што ако не ја завршам задачата навреме?“
„Зошто на состанокот го кажав токму тоа?“
Една мисла лесно повлекува друга, а пет минути размислување можат да се претворат во половина час будност.
Незавршените задачи најмногу ни се вртат низ глава
Особено лесно се враќаме на работите што сме ги започнале, но не сме ги завршиле.
Кога знаеме дека нешто нè чека следниот ден, мозокот продолжува да го третира како отворена обврска. Затоа понекогаш едноставното запишување на задачите за утре може да помогне да престанеме постојано да ги повторуваме во глава.
Наместо:
„Да не заборавам утре да го испратам мејлот...“
запишете:
„09:00 – испрати мејл.“
Мал чекор, но му давате на мозокот сигнал дека информацијата е зачувана и дека не мора цела вечер да ве потсетува на неа.
Телефонот дополнително ја комплицира работата
Проблемот е што моментот пред спиење за многумина повеќе не е момент без информации.
Легнуваме и отвораме Instagram. Потоа TikTok. Потоа „само на кратко“ проверуваме мејл. Ни стигнува порака. Гледаме нешто поврзано со работа и повторно размислуваме за утрешниот ден.
Телото е во кревет, но мозокот добива нова содржина на секои неколку секунди.
А потоа се чудиме зошто не можеме веднаш да заспиеме.
Работниот ден треба некаде да заврши
Не мора секоја задача да биде завршена денес. Не мора на секој мејл да се одговори веднаш. И не мора секоја идеја што ќе ви текне во 23 часот веднаш да стане нова задача.
Понекогаш најкорисното нешто што можете да го направите за утрешниот работен ден е едноставно – да се одморите.
Направете кратка листа со она што ве чека утре, тргнете го телефонот и дозволете си да завршите со денот.
А ако токму додека го читате ова се сетивте на нешто што сте заборавиле на работа – запишете го. Утре е нов работен ден.
