Во мај се издадени 340 одобренија за градење со предвидена вредност на објектите од речиси 6,67 милијарди денари или над 108,4 милиони евра. Тоа е за 15,2 отсто помалку на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. За споредба, лани во мај станувало збор за 469 дозволи, за годишен раст од 80,4 насто и за 1.037 планирани станови. Тогашната предвидена вредност била 128 милиони евра.
И натаму најголем дел од дозволите се однесуваат на високоградбата. Од вкупниот број, 67,3 отсто или 229 одобренија се за станбени и деловни објекти. За нискоградба се издадени само 22 одобренија (6,5 %) и во однос на ланскиот мај бројноста е намалена за речиси 79 отсто, а вредноста на овие проекти паднала за повеќе од 73 отсто. Наменети за реконструкција на објекти се 89 дозволи (26,2 %). И во овој сегмент бројот на дозволите е нешто помал, но нивната предвидена вредност е речиси 2,6 пати поголема отколку лани.
Физичките лица добиле 214 одобренија или скоро две третини од вкупниот број, додека деловните субјекти добиле 126 дозволи. Затоа, пак, состојбата е сосема поинаква од аспект на вредноста на проектите. Компаниите стојат зад инвестиции вредни 5,31 милијарди денари, односно околу 80 отсто од вкупната вредност, а поединците инвестираат 1,36 милијарди денари. Просечно, секој проект на деловен субјект вреди повеќе од 42 милиони денари, додека просечната инвестиција на физичко лице изнесува околу 6,3 милиони денари.
Најмногу одобренија – 76 се издадени во Источниот Регион. Таму е забележлива и најголемата вредност на планираните градежни работи – 2,77 милијарди денари. Според вредноста следуваат Југоисточниот Регион со една милијарда денари, Скопскиот со 977 милиони денари и Југозападниот Регион со 662 милиони денари. Се чини, најслаба е градежната активност во Североисточниот Регион, каде што се издадени само шест одобренија со вкупна вредност од неполни 19 милиони денари.
Во мај е предвидена изградба на 840 станови со вкупна корисна површина од 71.561 квадратен метар. Најмногу ќе се градат во Источниот Регион (249), Југозападниот (189) и во Скопскиот Регион (166). Најзастапени се двособните (310), трособните (292) и четирисобните станови (131). Исклучок е Полошкиот Регион, каде што речиси половина од планираните станови – 44 од вкупно 91 – ќе имаат пет или повеќе соби.
