Новиот закон против пушењето ќе резултира со помалку пушачи или ќе стимулира нелегална трговија?
Актуелно

Новиот закон против пушењето ќе резултира со помалку пушачи или ќе стимулира нелегална трговија?

07. 05. 2026.

Помеѓу јавното здравје и економските последици: Додека власта промовира ставови базирани на медицински аргументи дека пушењето е причинител на голем број болести и има фатални последици врз здравјето, што е неспорен факт кој никој не го негира, предлог-законот сепак предизвика негативни реакции. Имено, угостителите бараат фазно спроведување на законските обврски за да претрпат што помали последици врз бизнисот, додека тутунската индустрија предупредува дека овој закон ќе ја стимулира сивата економија и ќе води кон неконтролирана продажба и сериозни загуби за буџетот.

Предлог-законот за заштита од пушењето предвидува поригорозни мерки и правила. Ако сè уште важечкиот закон се фокусира на традиционалните производи од тутун, со новиот целосно се изедначуваат производите од тутун и електронските цигари или други уреди за консумирање никотин. Притоа, новиот закон забранува пушење во угостителски објекти, освен ако тие се отворени од најмалку 2 страни. Воедно, се забранува и пушење во објекти и возила што претставуваат работни места, во сите видови јавен превоз, како и во приватно возило во присуство на дете. Понатаму, со новиот закон дополнително се ограничува малопродажбата на производите од тутун и електронските цигари и додатоци. Додека власта промовира ставови базирани на медицински аргументи дека пушењето е причинител на голем број болести и има фатални последици врз здравјето, што е неспорен факт кој никој не го негира, новиот закон сепак предизвика негативни реакции или забелешки од повеќе страни. Имено, угостителите бараат фазно спроведување на законските обврски за да претрпат што помали последици врз бизнисот, додека тутунската индустрија предупредува дека овој закон нема да ги постигне прокламираните цели, туку само ќе ја стимулира сивата економија и ќе води кон неконтролирана продажба и сериозни загуби за буџетот. Исто така, забелешки имаат и малите дуќанџии…

По бројни измени на сè уште важечкиот закон за заштита од пушењето донесен пред триесетина години, преку кои прво владата на Никола Груевски забрани пушење во угостителските објекти и други јавни места, додека владата на Зоран Заев подоцна ги олабави критериумите и дозволи пушење на терасите, актуелната владата на Христијан Мицкоски влезе во процес на подготовка на целосно нов закон, кој повторно се карактеризира со рестриктивни мерки и правила и регулира нови аспекти и категории, како што се електронските цигари и дигиталното рекламирање.

Како изготвувач и предлагач на новиот закон за или против пушењето се јавува Министерството за здравство, на чело со министерот Азир Алиу, од каде што посочија дека нивната цел е да се обезбеди високо ниво на заштита на јавното здравје по пат на намалување на изложеноста на тутунски чад, спречување и намалување на употребата на тутун и никотински производи, особено кај децата и младите, како и унапредување на здравата животна средина.

„Со Предлог-законот за заштита од пушење се уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употребата на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и од изложеноста на тутунски чад во животната средина.

Законот предвидува целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи и уреди за нивна употреба, како и мерки за превенција, подигање на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста.

Предложените мерки произлегуваат од високата распространетост на пушењето во Македонија и значителниот здравствен, економски и социјален товар што тоа го создава, како и од потребата за поефикасна заштита на децата и младите“, стои во описот на предлог-законот, каде што уште се наведува дека тој е усогласен со меѓународните стандарди и европските политики за контрола на тутунот.

Сепак, овој предлог-закон предизвика различни реакции.

Од една страна, намерата значително да ја ограничи консумацијата на цигари на јавни локации ја поздрави лекарската фела, која долго време предупредува дека тутунот предизвикува серија здравствени проблеми и болести, па дури и дека во голема мера го зголемува процентот на смртност.

Но, од друга страна, предлог-законот предизвика и негативни коментари и критики.

Па така, угостителите реагираа дека не можат веднаш да се приспособат на обврските од законот поради што ќе претрпат економска штета, додека во слична насока реагираа и малите трговци, т.е. дуќанџиите, кои, исто така, имаат строги обврски во делот на продажбата на цигари.

Воедно, реагираше и тутунската индустрија, од каде што, покрај другото, предупредија и дека доколку овој предлог-закон се истурка до крај во ваква форма, тоа бездруго ќе ја стимулира сивата економија и нелегалната трговија со тутунски производи.

Па, каде е вистината меѓу овие крајности?

ШТО ПРЕДВИДУВА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ?

Инаку, предлог-законот за пушење е составен од 18 члена, така што членот 1 пропишува дека со него се уредува „заштитата од штетните ефекти од пушењето, заштитата на населението од дејството на чадот од тутун во животната средина, забраната за пушење во јавни и работни простории, забраната за рекламирање и промоција на тутун, забраната за спонзорирање активности од страна на тутунската индустрија, прикажувањето и изложувањето на тутун…“.

Конкретно, со ова законско решение се забранува пушењето цигари и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и употребата на уреди за консумирање тутун и никотин во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни институции, во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, во објекти каде се наоѓаат државни и општински органи, во објекти и возила што претставуваат работни места…

Понатаму, оваа забрана важи и во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичарници и ски-лифтови, во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, на станици на градски и приградски јавен превоз, во приватно возило во присуство на дете, во објекти каде што се вршат трговски дејности, пазари и саеми, во угостителски објекти за сместување и за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан-меана, кантини и др.

Дополнително, опсегот на забраната е проширен и кон заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда, како лифтови, во полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, приредувачи на игри на среќа, во и пред игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца…

Со други зборови, се предвидува пушењето да биде забрането во и околу сите јавни и работни простории, во возила и во сите видови јавен превоз, во заеднички простории во станбени објекти, во сите видови угостителски објекти итн.

Сепак, овие правила имаат и одредени исклучоци.

АДАПТАЦИЈА ПРЕКУ ФАЗНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА

Имено, се предвидува пушењето да биде дозволено на отворени балкони и тераси на катовите на објектите со исклучок на приземје, како и надвор од деловниот објект, привремениот објект или урбана опрема, вклучувајќи летни тераси и бавчи доколку бидат исполнети неколку предуслови од техничка природа.

Односно, во објавената верзија на предлог-законот стои дека пушењето ќе биде дозволено доколку просторот има кровна конструкција или натстрешница, но е отворен најмалку од 3 страни на кои нема никакви прегради од типот на стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради.

Токму за оваа обврска, забелешки изнесоа угостителите, кои, всушност, бараат релаксирање на правилата, но, пред сè, фазна имплементација на законот, со цел, како што велат, да имаат време да се приспособат на новата ситуација и да претрпат што помали последици.

–Моментално, најголем дел од нас не располагаме со услови на терасите законот да се спроведе во пракса, односно тие бараат терасите да бидат отворени од 3 страни. Ако сега стартува законот,  речиси ниедна терса во Скопје нема да може да функционира.

Условите може да се создадат за неколку месеци, но нам ни треба подолг период за да претрпиме што помали последици – истакна неодамна Перица Голомеиќ од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопанските комори.

Притоа, тој вели дека го поддржуваат законот и се согласуваат дека пушењето има штетни последици врз здравјето, меѓутоа посочува дека со брза и целосна забрана на пушењето во угостителските објекти процентот на пушачи нема да се намали, туку, според него, тоа може да се постигне само со агресивни едукативни кампањи.

– Низ светот вакви закони се имплементираат фазно во период од 10-15 години, а ние бараме 3 години за комплетна имплементација на законот, за да не претрпиме економски последици, зашто празни ќе ни бидат терасите.

Македонската влада треба да ги гледа примерите од регионот. Србија може не е пример, зашто таму секаде се пушти, но треба некој хибрид помеѓу грчкиот, бугарскиот, хрватскиот модел. Да не гледаме закони од Словенија и Шпанија, зашто таму се 15 проценти се пушачи – рече Голомеиќ.

Иако угостителите бараа период од 3 години за адаптација на овие законски правила, сепак, добија рок од една година.

Арно ама, тие постигнаа договор со владата во друг сегмент, кој предвидува терасите на рестораните и кафе-баровите да бидат отворени од најмалку 2 страни, наместо од 3 како што беше првично предложено и планирано.

– Со 2 отворени страни воздухот циркулира и се одржува квалитетот. Во спротивно, голем дел од угостителските објекти, особено во Скопје, не би можеле да ги исполнат условите – рече министерот Алиу, кој порача дека барањето што воопшто не се прифатило било електронските цигари да продолжат да се користат во затворени простории.

ОДЛИВ КОН СИВАТА ЕКОНОМИЈА

Воедно, министерот за здравство изјави дека биле доставени и примени забелешки и од тутунската индустрија, врз основа на кои „решенијата се прилагодени“.

– Сите отворени прашања се затворени. Очекувам законот брзо да помине и нашата земја да биде препознаена и на европско ниво – изјави тој, додавајќи дека ќе биде ограничена продажбата на ароматизирани електронски цигари, дека сите вкусови што се привлечни за младата популација ќе бидат забранети, а ќе останат дозволени само производи со неутрален вкус и вкус на тутун.

По повод јавниот настап на министерот Алиу, се огласија од Групацијата за производство на цигари во рамки на Здружението на производители на тутун при Стопанската комора на Македонија, од каде изразија „длабока загриженост и разочарување од дополнетиот и изменет текст на предложеното законско решение“.

„За жал, како директно засегната индустрија, нашите ставови и мислења воопшто не се земени предвид. Предложениот текст, иако формално наведува јавноздравствени цели, реално воведува несразмерни ограничувања кои го нарушуваат легалното работење на индустријата и создаваат сериозни последици што ќе се почувствуваат многу брзо.

Овој текст е неусогласен со релевантната регулатива, во делови неприменлив и несразмерно рестриктивен, со директно негативно влијание врз легалните комерцијални активности. Иако ја поддржуваме целта за строга рамка за забрана на пушење во затворени простории и заштита на младите, предложените решенија нема да ги постигнат посакуваните резултати во јавното здравје.

Уште поважно, предложените мерки не водат кон намалување на употребата на тутунски производи, туку поттикнуваат одлив кон сивата економија, која веќе достигнува 13–14 проценти од пазарот, со неконтролирана продажба, небезбедни производи, прекугранично снабдување и сериозни загуби за буџетот.

Нашите анализи укажуваат дека прекумерните рестрикции, во споредба со други примери, не ја намалуваат преваленцата на пушење, туку доведуваат до раст на нелегална трговија со тутунски и никотински производи, снабдување со производи од соседни држави со непроверен квалитет и доведување во ризик на здравјето на граѓаните од производи кои не ги поминуваат потребните проверки за безбедност и квалитет, сериозен пад на буџетските приходи, на сметка на раст на нелегалната трговија и нарушување на целиот синџир на вредност.

Тутунскиот сектор претставува значајна економска гранка: земјоделство, откуп, преработка, индустриско производство, извоз, HoReCa, логистика и над 5.000 малопродажни објекти. Во последните 5 години државата инкасираше повеќе од 1,125 милијарди евра акцизни приходи, а само минатата година остварени се околу 350 милиони евра од акцизи, царини и даноци и над 200 милиони евра од откуп на тутун“, соопштија од таму.

ЗАКАНА ЗА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

Наспроти ваквите предупредувања дека законското решение за заштита од пушењето не води кон намалување на употребата на тутунски производи, туку поттикнуваат одлив кон сивата економија, од Владата и Министерството за здравство застапуваат спротивен став и презентираат поинакви аргументи.

Во стратегијата за процена на влијанието на регулативата се наведува дека предлог-законот за заштита од пушењето, кој се доведува во врска со 2 директиви и една препорака на ЕУ, како и со владината Национална развојна статегија 2024-2044, стои дека „нема безбедно ниво на изложеност на тутунски чад“, што претставува факт поткрепен од Меѓународната агенција за истражување на рак, која го класифицирала тутунскиот чад како карциноген од група 1.

„Тутунот претставува една од најголемите закани за јавното здравје во РСМ. Според Инвестицискиот случај за контрола на тутунот (СЗО/УНДП, ажуриран 2025), тутунот е директно поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, што претставува околу 13 отсто од сите смртни случаи во државата.

Од овие, 49-51 отсто се прерани, односно настануваат кај лица под 70 години. Дополнително, над 15 отсто од загубените животи се должат на изложеност на туѓ тутунски чад (пасивно пушење).

Преваленцата на пушење е исклучително висока: 48,4% од возрасните пушат, значително над просекот во ЕУ (18,4%) и глобалниот просек (22,3%).  Особено алармантно е што 51,3% од пушачите се на возраст од 18 до 24 години.

Безмалку една третина од превентибилните канцери се директно предизвикани од пушењето, a кое е и еден од главните ризик-фактори за кардиоваскуларни заболувања, водечка причина за смртност во РСМ (41,6%)“, стои во стратегијата.

Додека угостителскиот сектор и тутунската индустрија алармираат на економските штети и последици од новиот закон за пушење, од Владата, пак, сметаат дека законот ќе има не само здравствени, туку и економски придобивки.

„Економската цена е огромна. Годишната загуба изнесува околу 600 милиони евра, односно 5,16% од БДП на РСМ. Оваа сума е речиси четирипати поголема од приходите од акцизи на тутунски производи.

Загубите вклучуваат: 4,3 милијарди денари директни здравствени трошоци и 33 милијарди денари загуби во продуктивноста поради прерана смрт, боледување и паузи за пушење за време на работа“, стои во статегијата.

Како цели на регулативата наведени во статегијата се намалување на изложеноста на пасивно пушење (од сегашните 55,4 проценти за најмалку 30 проценти во рок од 5 години), намалување на преваленцата кај младите (од сегашните 13,6 проценти за најмалку 3 проценти), правна сигурност за угостителскиот сектор, ефикасен надзорен механизам, усогласување со европското законодавство…

Доколку не се донесе нов закон и на сила остане постоечкиот, власта смета дека пушењето на затворени тераси ќе продолжи бидејќи нема јасен критериум за разликување отворен/затворен простор, дека рекламирањето преку социјални мрежи ќе продолжи непречено итн.

ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ЦИГАРИ ВО ТРЕНД

Практично, Владата и Министерството се повикуваат и користат т.н. медицински аргументи, со оглед дека, сосема разбирливо, лекарската фела го поздрави законот за строга регулација на пушењето, со цел намалување на пушењето пред се кај младата популација, што зеде замав со појавата на електронски цигари.

–Доколку едно дете не е завршено со својот раст и пропуши, може да пројави понизок раст, проблеми со дишењето. Особено висок е ризикот за рак на белите дробови кај пушачите што почнале на рана возраст.

Влијанието врз централниот нервен систем е неповолно, Некои од овие последици се проследени и кај деца што не се пушачи, но се постојано изложени на чад од цигари… – рече директорот на Клиниката за неврологија Јован Божиновски.

Во меѓувреме, предложеното законско решение доби поддршка и од Институтот за медицина на трудот, Здружението на гинеколози и опстетичари, како и од Лекарската комора, од каде соопштија:

„Докторите секојдневно се соочуваат со последиците по здравјето од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад.

Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми, директно или индиректно се поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар и за поединецот и за здравствениот систем“.

По спроведените истражувања, од Институтот за јавно здравје дошле до податоци дека околу 50 отсто од возрасното население во Македонија пуши цигари или некаков вид на тутунски производи, а голем процент од младите се пушачи.

–33 проценти од младите на 16-годишна возраст користат традиционални цигари, 30 отсто ги користат електронските цигари, 20 отсто користат тутунски производи што се загреваат.

Така што, овој број е исклучително висок. Ние како држава се наоѓаме некаде на врвот меѓу европските држави. И мора да работиме за да се промени целокупно оваа состојба – изјави Сања Прошева од ИЈЗ.

ИЗЕДНАЧУВАЊЕ НА ТУТУНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ

Колку за информација, Македонија е на 30-то место во светот по производство на тутун, а на второ место по произведување ориенталски тутуни веднаш по Турција.

Од таа гледна точка, постои и поинаква перспектива кон оваа проблематика.

На пример, професорот на Земјоделскиот факултет, Златко Арсов, смета дека предлог-законот против пушење е премногу ригорозен и може да предизвика сериозни економски штети. Според него, законот не прави јасна дистинкција меѓу различните тутунски производи.

Односно, Министерството за здравство како пушење го дефинира користењето на сите производи со никотин, со што ги изедначува цигарите со уредите за загревање тутун, електронските цигари и никотинските ќесички, иако, вели Арсов, станува збор за различни производи.

– Научно е докажано дека производите што не го согоруваат тутунот се помалку штетни од обичните цигари, бидејќи содржината на никотин е многу намалена, уште повеќе е намалена содржината на катранот, а и јаглерод моноксид дури има многу малку. Во атмосферата тие испуштаат многу малку чад во споредба со обичните цигари.

На пазарот се појавија и никотински ќесички, чија содржина е никотин, носачот е целулоза и се додаваат адитиви за арома и вкус. Затоа законското решение треба, освен превенција и укажување дека никотинот е штетен за младите, да даде алтернатива дека некои производи може да се користат во затворен простор, а да не се штетни по здравјето на непушачите – истакна тој.

Според професорот, спорни се и законските одредби со кои се регулираат и адитивите во тутунските производи, односно се забрануваат различните ароми во сите никотински производи.

– Не знам од кои причини се забранува употреба на ментол како адитив за арома, бидејќи во медицината имаме инхалација со помош на ментол, за кој е познато дека не е штетен.

Во производството на цигари, ментолот се додава во филтерот на цигарите во вид на гранули кои не согоруваат, туку само се загреваат и испаруваат. Со новиот закон се забрануваат и овошни ароми за кои не е научно докажано дека се штетни – рече Арсов.

Тој смета дека овој закон ќе нанесе „одредени штети во економијата, главно во угостителската индустрија, па можеби ќе го оневозможи производството и прометот на разновидните тутунски производи“.

ЗАБЕЛЕШКИ И ОД МАЛИТЕ ТРГОВЦИ

Исто така, отпор кон предлог-законот за/против пушење демонстрираа и малите трговци и дуќанџии, кога ќе се земат во обѕир нивните коментари што ги оставиле на платформата ЕНЕР, каде што тие предупредуваат новите рестрикции ќе значат губење на работни места, па дури и ќе резултираат со згаснување на бизниси.

„Изминатите години се инвестираа значителни суми за опрема и уредување на дуќаните, сето тоа преку кредити и задолжувања. Со новите законски ограничувања, овие инвестиции се залудни, а загубите ќе бидат огромни“, вели Јован.М.

За какви рестрикциите за малопродажните објекти станува збор?

Впрочем, малите трговци нема да смеат да изложуваат тутун или производи кои содржат тутун и/или никотин, туку ќе треба да ги обезбедат информациите за ваквите производи на тој начин што ќе направат список, поточно ценовник, напишан со црни букви од иста големина на бела заднина.

Покрај тоа, тие ќе треба да ги чуваат овие производи и уредите за консумирање тутун и никотин во затворени шкафови, кои нема да им бидат достапни на потрошувачите – ќе немаат надворешно осветлување и боја што ќе го привлекува вниманието.

Меѓутоа, малите трговци забележуваат дека законот нуди само забрани, а не и решенија. Во крајна линија, и тие бараат одреден временски рок за да се прилагодат на новите промени.

„Предложеното законско решение сериозно нѐ погодува нас, малите трговци, кои работиме легално согласно сите важечки законски прописи.

Особено сме погодени сите што изминатите години инвестиравме значителни средства за да го уредиме продажниот простор со неопходната опрема, витрини и безбедносни системи, сето тоа прилагодено за продажба на тутунски производи од кои реално го заработуваме најголемиот дел од приходите.

Со новите законски ограничувања, овие инвестиции практично стануваат бескорисни, а загубите за нас ќе бидат огромни.

Особено се погодени продажните објекти кои се мал, семеен бизнис, на кои продажбата на цигари и тутунски производи им е главен извор на егзистенција“, пишува В. Берков.

Трговецот А. Киров, пак, напишал:

„Без преоден период, малите трговци ќе бидат доведени во неизвесна и хаотична состојба, бидејќи тоа значи нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот, отстранување на брендингот од објектите. Сето тоа ќе доведе до финансиски колапс…“.

 

Групација за производство на цигари
УСЛОВИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА СО ТУТУНСКИ ПРОИЗВОДИ

Групацијата за производство на цигари во рамки на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Северна Македонија, од самиот почеток на процесот на подготовка на предлог-законот за заштита од пушење активно и конструктивно се вклучи во јавната расправа, велат од таму за „Фокус“.

„Укажавме на одредени слабости во предложеното законско решение, особено во делот на: усогласеноста со постојната регулатива и прецизното дефинирање на категориите производи а не изедначување. За нас ова претставува враќање неколку чекори назад од постојните законски решенија.

Исто така, кон одржливи решенија кои нема да направат дисторзија во постојните бизнис модели и истовремено огромни загуби кај трговскиот сектор и индустриите со кои соработуваме.

Во овој момент, очекуваме решение кое ќе биде прифатливо за сите страни и ќе овозможи истовремено и остварување на главите цели на законот и одржливост на работењето на компаниите“, велат од Групацијата.

Од таму додаваатдека, во текот на консултативниот процес, на предлагачот на законот му укажале дека предложените решенија, согласно верзиите во кои имале увид, воведуваат несразмерни и во одредени сегменти тешко применливи ограничувања.

„Ваквиот пристап има потенцијал да го наруши легалното функционирање на индустријата и да генерира негативни финансиски импликации врз легитимните деловни активности.

Согласно нашите анализи, прекумерно рестриктивните мерки не придонесуваат за намалување на стапката на пушење, туку создаваат услови за зголемување на нелегалната трговија со тутунски и никотински производи, како и за снабдување со производи од соседни пазари со непроверен квалитет.

Ова, дополнително, носи ризици по здравјето на потрошувачите, имајќи предвид дека ваквите производи не подлежат на соодветни контроли за безбедност и квалитет“, велат од Групацијата.

Една од нивните клучни забелешки се однесува на предложеното изедначување на традиционалните цигари со алтернативните тутунски производи.

„Сметаме дека ваквиот пристап не е соодветен при креирање нова регулатива, особено имајќи предвид дека постојат бројни релевантни меѓународни, регионални и локални истражувања кои укажуваат на суштински разлики помеѓу традиционалните цигари и производите без чад.

Во однос на потенцијалните импликации врз сивата економија и буџетските приходи, нашите ставови се темелат на компаративни искуства и релевантни анализи од пазари каде се имплементирани слични рестриктивни мерки.

Имено, искуствата на повеќе развиени земји, како Франција, Ирска, Австралија, Холандија, Белгија и Данска, укажуваат дека воведувањето на високо рестриктивни законски решенија во овој сегмент често резултира со значително пренасочување на дел од пазарот кон нелегални и нерегулирани канали“, велат од таму.

Носењето на новиот предлог-закон за заштита од пушење има за цел да обезбеди целосна и современа заштита на јавното здравје од штетните последици од пушењето и од изложеноста на туѓ тутунски чад и аеросол, велат од Министерството за здравство.

„Конкретно, законот треба да:

– обезбеди средини без чад и аеросол во сите затворени јавни простории, работни места и јавен превоз, како и во точно определени отворени простори (училишта, влезови на здравствени установи, детски игралишта и слично);

– ја прошири заштитата врз новите производи кои не постоеја кога беше донесен постојниот закон – електронските цигари, несогорливиот тутун (HTP) – согласно препораката на Советот на ЕУ C/2024/7425 од декември 2024 година;

– ги заштити децата и младите од иницијална употреба на сите никотински и тутунски производи преку забрана на ароматизирани е-течности насочени кон млади корисници, забрана на продажбата на лица под 18 години за електронските цигари и несогорливиот тутун, забрана на пушење во возила во присуство на дете и периметарска заштита околу образовните установи;

– обезбедување транспозиција на ЕУ acquis (Директива 2014/40/ЕУ, Директива 2003/33/ЕЗ и Препораката C/2024/7425) и исполнување на обврските од Рамковната конвенција за контрола на тутунот на Светската здравствена организација (РККТ/FCTC);

– воспоставување ефикасен надзорен и санкциски систем со јасно разграничени надлежности помеѓу инспекциските органи, со што ќе се отстрани досегашниот проблем на неспроведливост на одредбите на моменталниот закон.

Постојниот Закон за заштита од пушењето е донесен во 1995 година и иако е повеќепати изменет, триесет години подоцна едноставно не може да одговори на новата реалност“, стои во одговорот што го добивме од МЗ.

Од таму велат дека Министерството спроведе обемен консултативен процес со стопанските комори, угостителските здруженија, трговците и индустријата и дека одредени нивни барања се прифатени и направена е усогласеност.

Извор: fokus.mk