Малкумина ја знаат оваа приказна: Како настанала првата женска гимназија во Скопје
Актуелно

Малкумина ја знаат оваа приказна: Како настанала првата женска гимназија во Скопје

21. 07. 2026.

Денес е сосема вообичаено девојките и момчињата да посетуваат настава во исти училници, но пред еден век тоа не било така.

Во Скопје постоела посебна гимназија наменета исклучиво за девојки – Првата државна женска гимназија, која започнала со работа во учебната 1925/1926 година. Нејзиното отворање претставувало значаен чекор за развојот на женското образование во градот, во време кога средното образование за девојките сè уште не било широко достапно.

Во првите децении на XX век, многу семејства сè уште сметале дека девојките треба да се посветат на семејниот живот, а не на продолжување на образованието. Отворањето на посебна женска гимназија им овозможило на многу ученички да стекнат квалитетно средно образование и подоцна да продолжат на факултет или да изградат професионална кариера како наставнички, лекарки, професорки, научнички и јавни дејци.

Женската гимназија функционирала како самостојна образовна институција и во периодот меѓу двете светски војни, а продолжила да работи и за време на Втората светска војна. Во тој период во Скопје постоеле одвоени машки и женски гимназии, што било вообичаена практика во тогашниот образовен систем. По ослободувањето на Скопје и завршувањето на Втората светска војна, новите власти започнале целосна реорганизација на образованието. 

Женската гимназија во Скопје функционирала до крајот на Втората светска војна. По 1944 година, со реорганизацијата на образовниот систем од страна на АСНОМ, одвоените машки и женски гимназии биле укинати, а наставата продолжила во новоформираните мешани гимназии, меѓу кои и Првата скопска гимназија – денешната „Јосип Броз Тито“.

На 1 декември 1944 година, со решение на Президиумот на АСНОМ, била основана Првата скопска гимназија. Таа уште од самиот почеток запишувала и момчиња и девојки, со што престанала дотогашната поделба на машки и женски гимназии.Новоформираната гимназија не била продолжение само на една институција, туку ги обединила традициите на дотогашните скопски гимназии, меѓу кои и Првата државна женска гимназија. 

За прв директор бил именуван писателот и академик Васил Иљоски, а наставата започнала на 1 февруари 1945 година со 23 паралелки и околу 790 ученици. Неколку месеци подоцна училиштето го добило името „Јосип Броз Тито“, кое го носи и денес.

Извор:skopjeinfo.mk