„Поправете си ги патиштата, па наплаќајте казни“: Реакции од странски туристи по воведувањето на „Безбеден град“
Актуелно

„Поправете си ги патиштата, па наплаќајте казни“: Реакции од странски туристи по воведувањето на „Безбеден град“

20. 08. 2026.

Километарските колони на граничните премини, но и незадоволството кај дел од странските туристи, продолжуваат по стартот на примената на системот „Безбеден град“ и за возила со странски регистарски таблички.

Од денеска, согласно најавата на Министерството за внатрешни работи, започна примената на механизмот преку кој странските возачи кај кои системот регистрирал сообраќаен прекршок во Македонија се известуваат и санкционираат при излез од државата.

На Граничниот премин Табановце, возилата за кои претходно бил евидентиран прекршок се издвојуваат од колоната. На возачите им се соопштува дека имаат регистриран прекршок и им се издава записник со прекршочен платен налог, по што можат да ја подмират казната согласно предвидената постапка.

Од МВР објаснуваат дека зголемениот број возила на преминот во текот на првиот ден се должи и на тоа што во постапката се опфатени претходно регистрирани прекршоци. Министерството најави активности за побрзо одвивање на процедурата и намалување на времето на чекање.

Системот, како што наведуваат од МВР, треба да обезбеди еднаков третман при санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали прекршокот го направило возило со македонски или со странски регистарски таблички. Во наредниот период примената треба постепено да се проширува и на останатите гранични премини.

Во меѓувреме, на Граничниот премин Богородица од раните утрински часови се создаваат долги колони возила кои ја напуштаат Македонија во правец кон Грција. За метежот и долгото чекање известуваат и патници на социјалните мрежи, како и српската Вибер-апликација „Грчка Инфо“.

Според сведоштвата на патници кои денеска минале преку Табановце, возилата за кои системот покажал претходен прекршок се издвојуваат од редовната колона. Полицајците ги земаат документите, а возачите се упатуваат да паркираат и да продолжат со постапката на посебен шалтер.

Документите се скенираат, се внесуваат личните податоци и телефонски број, а потоа од возачот се бара и е-адреса. На неа се испраќа линк преку кој се врши плаќањето. Според досегашните информации, казната се плаќа онлајн со платежна картичка, по што возачот ја покажува потврдата за извршена уплата на полицајците и ги добива назад документите.

Сепак, првиот ден од примената на системот не поминал без проблеми. Патници се жалат на долгите редици, ограничениот број шалтери и бавното одвивање на процедурата. Според сведоштво објавено преку „Грчка Инфо“, едно семејство поминало околу четири часа на границата поради целата процедура.

Дополнителен проблем за странските возачи е тоа што засега нема јавна онлајн услуга преку која, само со внесување на регистарската табличка, би можеле однапред да проверат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок или неплатена казна во системот „Безбеден град“.

Од МВР посочуваат дека првиот ден е дополнително оптоварен поради големиот број возила и обработката на прекршоци кои биле евидентирани и во претходниот период.

На социјалните мрежи, дел од странските туристи реагираат остро на начинот на кој системот се применува. Еден од коментарите се однесува на тоа дека проблемот, според авторот, не е самото плаќање на казните, туку организацијата на наплатата. Тој реагира дека не е логично илјадници автомобили да бидат принудени да чекаат со часови поради ограничениот број службеници и шалтери.

Друг патник порача: „Поправете ги патиштата и собирајте казни“, критикувајќи го ограничувањето на брзината и состојбата на патиштата. Во коментарот се поставува и прашањето дали следно ограничувањето ќе биде дополнително намалено.

Дел од српските туристи, пак, веќе предлагаат алтернативна рута кон Грција. „Отсега само преку Бугарија“, гласи еден од коментарите, во кој се наведуваат една граница, подобри патишта, повисоко дозволени брзини, поевтини продавници покрај патот и побрзо патување како аргументи за избор на бугарската рута.

Иако МВР најавува дека системот ќе се проширува и на другите гранични премини, првиот ден од неговата примена за странските возила покажа дека начинот на организација на постапката може значително да влијае врз времето кое туристите го поминуваат на граница.