Еден од најчестите трикови се лажните линкови што изгледаат како официјални. Измамниците испраќаат пораки или мејлови со кои ги наведуваат корисниците да внесат податоци на лажни страници. Затоа се препорачува секогаш да пристапувате директно – со внесување на адресата во пребарувач или преку официјалната апликација, а не преку сомнителни линкови.
Посебно внимание треба да се обрне на пораки кои наводно доаѓаат од сместувањето или самата платформа, а во кои се бара „итна уплата“, „потврда на резервација“ или „верификација на картичка“. Ова е најчест облик на измама. Важно е да се знае дека Booking.com никогаш нема да побара да ги испраќате податоците од картичката преку мејл, СМС или апликации за допишување.
Кога станува збор за плаќање, експертите советуваат дополнителна заштита. Најбезбедно е да користите посебна картичка за онлајн плаќања или сметка на која уплаќате само онолку средства колку што ви се потребни за конкретната резервација. Така, и во случај на злоупотреба, штетата е ограничена.
Дополнително се препорачува:
- да вклучите СМС или апликациски известувања за секоја трансакција
- да ги намалите дневните лимити за интернет плаќања
- редовно да го проверувате салдото и трансакциите на сметката
Доколку забележите сомнителна активност, како непозната трансакција или обид за наплата, веднаш контактирајте ја банката и блокирајте ја картичката.
Заклучокот е јасен – основната заштита е вниманието. Не споделувајте ги податоците од картичката, не кликнувајте на сомнителни линкови и користете картички со ограничен износ за онлајн плаќања.
Потсетуваме, по безбедносен инцидент на платформата Booking.com, при кој било овозможено неовластено пристапување до одредени кориснички податоци, Министерство за внатрешни работи на Србија преку Службата за борба против високотехнолошки криминал предупреди на зголемен ризик од измами. Напаѓачите, според информациите, можеле да дојдат до имиња, контакт информации и детали за резервации – податоци што лесно се користат за таргетирани измами и фишинг напади.
Извор: faktor.mk
