ДЕЛ ОД ЕВРОПЕЈЦИТЕ ДНЕВНО ПЕШ ПОМИНУВААТ НАД 6.000 ЧЕКОРИ: Дали Македонците се движат доволно?
Актуелно

ДЕЛ ОД ЕВРОПЕЈЦИТЕ ДНЕВНО ПЕШ ПОМИНУВААТ НАД 6.000 ЧЕКОРИ: Дали Македонците се движат доволно?

24. 03. 2026.

Во однос на пешачењето, во Европа има повеќе нации на кои Македонците можат да им завидат.

И досега во јавноста имало укажувања дека македонските граѓани треба повеќе да бидат физички активни и со тоа да го подобрат своето здравје. Просечниот дневен број на чекори во Македонија е приближно 5.597 според Stepsapp и се смета дека македонските граѓани не се движат доволно. Сепак, има држави каде просекот е над 6.000 чекори дневно по жител.

„Јас порано многу пешачев, а сега откако сум дома, помалку одам пеш. Од мојата населба до центар одам 3 или 4 километри. Поубаво се чувствувам кога пешачам. Ако внесуваме многу храна, а не трошиме енергија, тоа се таложи на телото“, рече Елица Стојковска, граѓанка.

Од лекарите имало препораки дека е добро луѓето дневно пеш да направат 7.000 или пак 10.000 чекори.

„Јас не пешачам, многу ретко, повеќе со автомобил одиме поради обврски“, додава Мајрие Сејдиу, граѓанка.

Пензионер на возраст од 76 години вели дека секој ден пешачи за да го исполни своето време, но и затоа што е свесен дека тоа носи бенефити за здравјето.

„Дневно поминувам над 5 километри. Од населбата до центар и назад одам пеш. Се одржувам, добро е за здравјето. И во зима и во лето, се движам“, објаснува Јовица Младеновиќ, пензионер.

Лекарите велат дека луѓето со хронични болести треба да бидат физички активни, но и сите останати кои немаат здравствени проблеми.

„На прво место се дијабетичарите, а потоа луѓето со кардиоваскуларните заболувања, и општо за сите е добро да се движат, односно да поминат по 5 километри дневно ако се во можност. Треба да одвојат барем еден час во текот на денот за физичка активност“, вели Јасминка Петрушевска, општ лекар.

Врз основа на глобалните студии, се смета дека просечно луѓето во светот дневно поминуваат од 5.000 до 5.800 чекори, со значителни варијации во зависност од земјата.

Податоците кои Puregym ги објави во 2024 година, покажуваат дека луѓето во Данска, Полска, Шведска, Холандија, Швајцарија, Австралија и Белгија дневно пеш поминуваат над 6.000 чекори. Зад нив се Финска, Јапонија и Шпанија каде луѓето во просек дневно пеш прават над 5.900 чекори.

 

На другиот крај од скалата, има повеќе земји каде луѓето  одат помалку од глобалниот просек, како што се Бразил (4.057 чекори), Јужна Африка (4.376 чекори) и Индија (4.872 чекори). Во Европа, земјите кои пешачат помалку од просекот се Италија (5.186 чекори) и Франција (5.396).

Светската здравствена организација препорачува најмалку 60 минути умерена физичка активност секој ден. 

Извор:faktor.mk