Ова се дел од мерките содржани во Оперативниот план за вработување за 2026 година, за чија реализација се обезбедени речиси 40 милиони евра. Целта е отворање нови работни места, намалување на невработеноста и создавање услови младите да ја градат својата иднина во земјава.
Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека Оперативниот план за вработување ќе им помогне на младите да отворат сопствен бизнис и полесно да се вработат, но смета дека е премногу оптимистички да се очекува само со овие мерки да се намали иселувањето и да се вратат младите од странство.
– Една од целите на Оперативниот план за вработување е да ги задржи младите во Македонија, но не треба да бидеме толку оптимисти дека само со оваа мерка ќе се намали иселувањето. Младите не заминуваат од државата само поради подобра работа и повисока плата туку и поради митото, корупцијата, партизацијата на институциите и нефункционирањето на правниот систем. Сепак, мерките ќе им помогнат барем на оние млади што сакаат да отворат сопствен бизнис – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Според него, најважно е во едно општество да постојат иницијатива за отворање приватен бизнис и подготвеност да се преземе ризик, бидејќи токму тоа ја движи економијата напред.
– Кај нас сè уште постои перцепција дека државата треба да им обезбеди работа на младите, но денес најголемиот број нови работни места ги отвора приватниот сектор. Вакви програми имало и во минатото, но сега се нудат значително поголеми грантови за отворање бизнис. Слични програми имаат и најразвиените држави, со цел да го стимулираат претприемаштвото. Со повикот за самовработување, кој е во тек, им се овозможува на младите да ја претворат својата бизнис-идеја во успешен бизнис. Не станува збор само за финансиска поддршка туку и за обуки, менторство, подготовка на бизнис-план и регистрација на фирма. Најважно е новите компании да ги преживеат првите три години, а потоа да се развиваат и да отвораат нови работни места – појасни Димитров.
Директорот на Агенцијата за вработување, Аднан Ејуп, смета дека со Оперативниот план ќе им се помогне на младите полесно да дојдат до квалитетни работни места.
– Ова не е само документ туку и конкретен чекор за зголемување на вработеноста. Мерките се приспособени на потребите на граѓаните и на економијата и се резултат на долгогодишни анализи и консултации со сите засегнати страни. Наша обврска е да ја намалиме невработеноста и да создадеме поволни услови за економски раст. Сакаме нашите граѓани да бидат вработени во државата и да придонесуваат за нејзиниот економски развој, а не да се иселуваат – изјави Ејуп.
Од Министерството за економија и труд информираат дека интересот за трите јавни повици од мерката самовработување е голем, досега има 4.500 апликации, а само во текот на првата недела се пристигнати повеќе од 2.800 апликации.
За мерката самовработување со грант годинава се обезбедени 1.377.303.780 денари, односно 22,3 милиони евра. Со овие средства ќе им се овозможи на 2.043 лица да започнат сопствен бизнис, што е за 313 повеќе во споредба со минатата година.
Мерката самовработување – претприемништво е поделена на три подмерки. За лицата до 29 години е предвиден грант до 10.000 евра, за лицата над 29 години до 7.000 евра, додека за здружување и основање друштво со ограничена одговорност (ДОО) ќе се доделуваат грантови од 14.000 до 20.000 евра.
– Новитет годинава е што услов за користење на оваа мерка е апликантите да имаат најмалку завршено средно образование. Дополнително, како нова категорија се вклучени и повратниците од странство, кои, исто така, ќе можат да аплицираат за грантовите за самовработување – велат од Министерството за економија и труд.
Сите заинтересирани невработени лица можат да добијат детални информации за мерките во работните клубови при 30. центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
