Компанијата планира продажбата на билети да почне во февруари, а првите летови да стартуваат во октомври 2027 година, изјави извршната директорка Ванеса Хадсон.
Летовите се дел од Проектот „Изгрејсонце“, кој подоцна ќе ги опфати и летовите до Њујорк. За нив ќе се користат специјално модифицирани авиони „Ербас А350-1000ULR“, способни да летаат до 22 часа и да превезуваат 238 патници.
Проектот е резултат на реструктуирањето на флотата започнато во 2017 година, кога „Квантас“ побара од „Ербас“ и „Боинг“ да развијат авиони за ултрадолги релации.
„Растојанието на Австралија од остатокот од светот не треба да биде пречка“, изјави Хадсон при претставувањето на првиот авион, нагласувајќи дека проектот вклучува и истражувања за зачувување на здравјето на патниците на долгите летови.
Целта е патувањето на рутата Сиднеј–Лондон да се скрати на 19 до 21 час, наместо сегашните 24 до 25 часа преку Сингапур. Дел од летовите ќе се одвиваат преку поларни рути, особено во текот на зимата на северната хемисфера.
Проектот претставува инвестиција вредна повеќе милијарди долари и голем предизвик за „Квантас“, која треба да ги убеди патниците да платат повеќе за директен лет без преседнување, со што ќе се намали времето на патување и непријатноста.
Името „Проект Изгрејсонце“ потекнува од летовите на „Квантас“ за време на Втората светска војна, кои траеле толку долго што патниците и екипажот сведочеле на две изгрејсонца.
