Зошто скопјани ги поправаат забите во Тетово? Цените ќе ве шокираат!
Актуелно

Зошто скопјани ги поправаат забите во Тетово? Цените ќе ве шокираат!

12. 11. 2025.

Во последниве неколку години, Тетово тивко, но сигурно, стана новата стоматолошка престолнина за многу жители на Скопје.

Сѐ повеќе скопјани решаваат да ги поправат или изработат своите заби токму таму, бидејќи цените на стоматолошките услуги во овој полошки град се и до двапати пониски отколку во главниот град.

„Истата работа што во Скопје ја плаќате по 800 евра, во Тетово може да ја направите за 400 евра“, раскажува еден скопјанец кој неодамна си ставил порцелански мост.

Разликата е толку голема што многумина веќе го гледаат патувањето до Тетово како исплатлива инвестиција, дури и кога ќе се пресметаат трошоците за гориво и време.

Најчесто таму одат пензионери кои прават вилици или мостови, но и голем број студенти кои ставаат протези за исправување на забите, бидејќи ортодонтските услуги во Скопје станале речиси недостижни за нивниот џеб.

„Еден комплет порцелански заби во Тетово чини меѓу 250 и 350 евра, додека во Скопје цената оди од 500 до дури 700 евра.

Имплантите пак, кои тука се наплаќаат од 500 до 600 евра, во Тетово може да ги најдете и за 300 евра“, велат упатените.

Покрај тоа што цените се пониски, тетовските стоматолози последниве години вложуваат и во нова опрема и модерни техники на работа, што дополнително ја зголемува довербата кај пациентите.

„Градот се полни со нови ординации со современи уреди, дигитална дијагностика, скенери за забна структура, нешто што порано беше резервирано за елитните клиники во Скопје“, објаснуваат експерти од фелата.

Некои од нив додаваат дека овој тренд не е само прашање на пари, туку и на професионален однос: „Во Тетово луѓето добиваат и внимание и трпение, што кај многумина во Скопје одамна недостасува“.

Еден од поинтересните аспекти е што дел од пациентите, особено постарите, комбинираат услуги, односно прават дијагностика во Скопје, а потоа терапијата ја продолжуваат во Тетово.

„Имав понуда во Скопје од 1.600 евра за две вилици, а во Тетово ја завршив работата за 750 евра. Исти материјали, исти услови, само што таму луѓето не гледаат како на ‘банкнота со заби’, туку како на човек“, раскажува една пензионерка.

Аналитичарите сметаат дека растот на цените во главниот град, каде што се акумулира најголемиот број приватни клиники, станал неодржлив и за просечното семејство.

„Трендот што го гледаме со стоматологијата е дел од поширока економска слика – луѓето бараат алтернативи, било да станува збор за поправка на автомобил, купување облека или одење на лекар. Цените во Скопје почнуваат да ги бркаат луѓето кон внатрешноста“, коментираат тие.

Некои стоматолози предупредуваат дека ако ова продолжи, скопските ординации ќе мора да ги спуштат цените или да понудат нови услуги за да ги задржат пациентите.

За многумина, сепак, одлуката е веќе донесена: подобро еден ден во Тетово и мир во душата, отколку недела дена нервози во Скопје.

И така, градот под Шара станува нешто повеќе од дестинација за планинарење и скара, полека, но сигурно, и место каде што се враќа насмевката на скопјани.