Со новиот Закон за работно ангажирање лица се очекува намалување на неформалната работа и подобро вклучување на лицата што моментално работат надвор од официјалните текови. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава биле регистрирани околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани.
Законот воведува поедноставен и пофлексибилен модел за легално повремено и сезонско ангажирање работници, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Со него се овозможува ангажирање на вработени лица, пензионери, невработени, ученици и студенти, без притоа да ги изгубат своите веќе стекнати права.
Корисниците на минимална гарантирана помош ги задржуваат социјалните и детските права, невработените лица остануваат во евиденцијата на Агенцијата за вработување и не го губат паричниот надоместок, пензионерите продолжуваат да го користат правото на пензија, додека учениците и студентите ги задржуваат правата од образовниот систем.
Законот носи придобивки и за работниците и за работодавците. Работодавците добиваат поедноставена административна постапка и поголема флексибилност, додека работниците добиваат исплата по час, уплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита.
Паралелно со ова, од 1 јануари 2026 година започнува примената на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Законот предвидува државна поддршка за компании што инвестираат, остваруваат раст на приходите и го зголемуваат или задржуваат бројот на вработени.
Финансиската поддршка е насочена кон нови вработувања со повисоки плати, при што компаниите може да добијат до 20 отсто од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно по вработен. Дополнително, предвидена е поддршка за истражување и развој до 50 отсто од оправданите трошоци, со максимален износ до еден милион евра.
Новата законска рамка овозможува и ангажирање на лица кои се евидентирани како невработени, без губење на нивниот статус, особено во дејностите како земјоделство, рибарство, шумарство и угостителство, каде што постои зголемена потреба од сезонска работна сила.
