Австралиски суд ја поддржал одлуката на компанијата Kelsian Group која му дала отказ на својата долгогодишна вработена, откако таа во текот на една година била на боледување повеќе од 100 дена поради сериозни здравствени проблеми. Компанијата заклучила дека Jodie Downes поради својата здравствена состојба повеќе не може сигурно и редовно да ги извршува работните задачи.
Даунс долги години работела во служба за корисници на траектите Brisbane CityCat, а отказот ѝ бил врачен во јули минатата година. Компанијата сметала дека нејзиното долготрајно отсуство поради здравствени причини ја доведува во прашање способноста да ги исполни своите професионални обврски.
Влошување на здравствената состојба
Нејзините здравствени проблеми почнале да се влошуваат во април 2024 година, кога ѝ била дијагностицирана Deep vein thrombosis. Поради тоа имала повторливи згрутчувања на крвта, што предизвикувало воспаленија и постојани болки.
Иако лекарите во ноември истата година ѝ препорачале операција, таа морала да чека на листа бидејќи нејзиното осигурување не можело да ги покрие трошоците.
Во април 2025 година Даунс била хоспитализирана и отсуствувала од работа околу една недела. Се обидела да се врати на работа, но одработила само две смени пред болките повторно да ѝ го оневозможат извршувањето на работните задачи.
Според наводите на Fair Work Commission, таа ја известила компанијата дека и васкуларниот хирург и хематологот ѝ препорачале во следните три месеци да не работи.
Спор околу медицинскиот наод
Во јуни била упатена на медицински преглед, но толкувањето на резултатите довело до несогласување со работодавачот. Даунс и Maritime Union of Australia тврделе дека наодот покажува можност таа да се врати на работа по планираната операција. Компанијата, пак, го протолкувала како доказ дека во моментот не е способна да ги извршува клучните задачи од своето работно место.
Одлука во корист на работодавачот
Кога Даунс го оспорила отказот, Fair Work Commission застанала на страната на компанијата. Членот на комисијата, Chris Simpson, пресудил дека медицинскиот наод од јуни „ни оддалеку“ не докажува дека Даунс наскоро би можела повторно да се врати на своите работни обврски со полно работно време.
„Не можам да прифатам дека наодот недвосмислено потврдува дека госпоѓа Даунс во иднина би можела да ги исполни клучните барања на своето работно место. Сметам дека доказите не го поддржуваат таквиот заклучок“, изјавил Симпсон.
