Матурските прослави се во полн ек. На големо се купуваат свечени фустани, костими за момчињата, чевли, чанти. Се бара термин за професионална шминка, фризура, некој козметички третман за разубавување, маникир и педикир. Матурантите во еуфорија, родителите со големи трошоци. „Слободен печат“ направи пресметка колку отприлика го чини едно македонско семејство подготовката на матурант. Трошоците достигнуваат над 1.000 евра и тоа само доколку нема домашна прослава со традиционалното испраќање на матурантот со роднини.
Ако прошетате по бутиците или на интернет-страниците за продажба може да видите дека цените на фустаните за „вечерта од соништата“ се различни. Најевтината варијанта во зависност од материјалот, должината, дизајнерот, е околу стотина евра. Но малку од девојките решаваат да носат ваков фустан. Машките костуми се со цени од 150 до 500 евра. Ако пак матурантот бара нешто „брендирано“, цените достигнуваат двојни суми.
Секако, со фустанот или со костумот треба да има и соодветни обувки. И тука цените се движат околу 50 до 250 евра. Студијата за фризури и шминки со своите најразлични комбинации ги ставаат на уште поголеми маки родителите на матурантите и полуматурантите. Професионална шминка со фризура чини минимум 2.500 денари. Ако тука се стават и наливните нокти, цените одат над 60 евра. Но тука не завршува сè.
Фотостудијата нудат и професионална фотосесија за матуранти со цени кои се од 50 до 100 евра за еден час.
Родителите велат дека матурите одамна не се само прослава за завршување на средното образование, туку станале „натпревар за кој ќе потроши повеќе“.
-Само за фустанот дадовме 350 евра, а кога ќе ги соберете шминката, чевлите, фотографот и прославата дома, ќе надминеме 1.500 евра. Тоа се две плати“, вели Весна од Скопје, мајка на матурантка.
Трошоците не завршуваат тука. Ресторанската прослава, пијалаците и ноќното излегување, музиката и трубачите за пред училиштето следниот ден додаваат уште најмалку 100 евра по матурант. Во многу домови традиционално се организираат и семејни прослави со роднини и пријатели.
-За гости дома купивме храна, пијалаци, торта и мезе за околу 500 евра. Само едно печено прасе денес чини повеќе од 150 евра – вели таткото на еден матурант.
Иако подготовките за машките матуранти се нешто поевтини и таму сумите не се мали. Оделата, во зависност од брендот и кројот чинат од 150 до 400 евра. Кошула, чевли и дополнителни детали додаваат уште 100 до 250 евра.
-Мислев дека за машко ќе поминеме поевтино, ама само оделото и чевлите не чинат речиси 500 евра- велат родителите. Во просек, семејствата за машки матурант трошат од 400 до 800 евра, а кај девојките сумата е повисока и надминува 1.000 евра.
Дел од родителите признаваат дека земаат кредити или позајмуваат пари за да им овозможат на децата матурска вечер каква што посакуваат.
-Не можеш да му кажеш на детето да не оди или да биде единствено без прослава. Сите сакаат да изгледаат убаво и да се фотографираат – велат родителите.
Матурантите, пак, велат дека притисокот најмногу доаѓа од социјалните мрежи.
-На социјалните мрежи сите објавуваат луксузни фотографии, лимузини, скапи фустани. Сакаш и ти да изгледаш така – коментираат средношколците.
Економистите предупредуваат дека матурските прослави стануваат сè поголем финансиски товар, особено во услови кога цените на храната, услугите и гардеробата постојано растат. Сепак, и покрај високите трошоци, за многу семејства матурската вечер останува момент што „се памети цел живот“, па велат дека за таа една ноќ се подготвени да штедат со месеци.
Извор:slobodenpecat.mk
