Нема повеќе чекање на шалтер: Студентската картичка за бесплатен превоз станува дигитална
Актуелно

Нема повеќе чекање на шалтер: Студентската картичка за бесплатен превоз станува дигитална

28. 09. 2026.

Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз преку дигитална студентска картичка на својот мобилен телефон. Новиот систем треба да ги замени хартиените потврди и личното одење во билетарниците за заверка на студентскиот статус.

Дигиталната картичка ќе биде достапна преку мобилната апликација SkopjeBus, а новото решение е наменето за студентите на државните универзитети во Скопје, вклучително и Универзитетот „Мајка Тереза“. Системот се подготвува во соработка меѓу ЈСП и универзитетите.

Нема повеќе носење потврда до ЈСП

Досегашната процедура подразбираше лично присуство и приложување документи за продолжување на правото на бесплатен превоз. На почетокот на 2026 година, на пример, за заверка ЈСП бараше потврда за редовен студент, индекс со запишан зимски семестар и лична карта на увид. 

Со новиот систем студентскиот статус ќе се проверува преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите. Тоа значи дека студентите повеќе нема да треба да земаат хартиена потврда од факултет и потоа да одат во билетарница за да го потврдат својот статус. 

Телефонот ќе стане студентска превозна картичка

Постапката треба да биде едноставна. Студентите ќе добијат упатства на својата електронска адреса, а потоа ќе треба да се најават во апликацијата SkopjeBus со истата e-mail адреса со која се регистрирани на универзитетот. =

По активирањето, дигиталната студентска картичка ќе се појави во апликацијата во форма на QR-код. Токму тој код ќе се користи за валидација при патување со автобус. 

Кога почнува примената?

Точниот датум за старт на новиот систем сè уште не е објавен. Од ЈСП е најавено дека студентите навремено ќе добијат дополнителни информации за активирањето и користењето на дигиталната картичка. =

Со ова, една од административните процедури што студентите досега мораа да ја завршуваат лично треба да се префрли на мобилен телефон – без хартиени потврди, без заверка на шалтер и со QR-код за користење на бесплатниот јавен превоз.