И покрај тоа што повеќе од 80% од македонските граѓани веруваат во позитивното влијание на науката и технологијата, новото истражување на Евробарометар открива шокантен податок: дури 72% мислат дека вирусите се создадени во лаборатории за контрола на населението. Македонија не само што е над европскиот просек – туку убедливо води во регионот по верување во теории на заговор.
Истото истражување покажува и дека 67% од анкетираните сметаат дека науката ни го прави животот полесен, поздрав и поудобен. Но во исто време, над половина веруваат дека лекот за рак постои, но се крие поради комерцијални интереси – уште една длабоко вкоренета теорија без научен доказ.
Во парадоксален спој на верба во прогресот и скепса кон реалноста, македонските граѓани покажуваат високо ниво на недоверба во научните институции. Дури 59% прифаќаат дека луѓето потекнуваат од претходни животински видови, а 52% сметаат дека климатските промени се предизвикани од човековите активности – но и покрај тоа, дезинформациите остануваат длабоко присутни.
Телевизијата и интернетот се главните извори на информации – комбинација што често нуди научни содржини рамо до рамо со сензационализам и дезинформации.
Ова истражување покажува колку е тешка битката помеѓу фактите и фикцијата. Можеби имаме пристап до знаење како никогаш досега, но и понатаму не знаеме што точно да правиме со него.
ИЗВОР МЕТА
